14 декември, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕКако порано да ја препознаете појавата на артритисот?

Како порано да ја препознаете појавата на артритисот?

Тајванските научници открија два гена поврзани со артритис и остеопороза, кои би можеле да ја забрзаат дијагнозата на овие болести и да ги подобрат третманите. Ова откритие дава нова надеж за порано препознавање на артритисот, болест која погодува дури 17 милиони луѓе ширум светот.

Ревматоидниот артритис, автоимуна болест во која имуните клетки ги напаѓаат зглобовите, предизвикува болно воспаление и уништување на ‘рскавицата и коските. Штетата предизвикана од артритис често води до остеопороза, особено кога се земаат предвид ефектите од одредени лекови.

Истражувачите ги идентификуваа гените „ATXN2L“ и „MMP14“ како „клучни“ фактори поврзани со развојот на двете болести. Овие гени се директно поврзани со процесот на апоптоза – програмираното уништување на клетките што ги користи имунолошкиот систем за отстранување на оштетените или непотребните клетки. Кај луѓето со ревматоиден артритис, прекумерната апоптоза на коскените клетки може да предизвика уништување и воспаление на зглобовите, а кај остеопорозата доведува до слабеење на коските.

Водачот на истражувањето, д-р Хао-Џу Ло од Општата болница Да-Киен, ја истакна важноста на овие гени во разбирањето на болеста: „Кај ревматоидниот артритис, прекумерната апоптоза на клетките кои формираат коска придонесува за уништување и воспаление на зглобовите. Истиот процес доведува до слабеење на коските кај остеопорозата, што ја нагласува потребата за истовремено справување со двете болести“.

Употреба на вештачка интелигенција во персонализирани терапии

Користејќи пресметковни методи и вештачка интелигенција, истражувачите ги анализираа геномите на пациентите за да најдат гени тесно поврзани со апоптозата и развојот на болеста. Доктор Ло нагласува дека понатамошните истражувања би можеле да доведат до персонализирани терапии кои ќе ги идентификуваат пациентите со најголем ризик од остеопороза и ќе развијат третмани со таргетирање на овие гени.

Нивните резултати, објавени во списанието „APL Bioengineering“, претставуваат значаен чекор кон порано препознавање на болеста и поиновативни третмани за пациентите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП