14 декември, 2024
ПочетнаСВЕТРусија го напушта најголемиот научен проект во светот: „Голема штета за науката“

Русија го напушта најголемиот научен проект во светот: „Голема штета за науката“

На децениската соработка на Русија со Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) во Женева и се ближи крајот, јавува агенцијата ДПА, нагласувајќи дека научниците од оваа европска институција соработувале со Русија и за време на Студената војна.

Бит Хајнеман, директор на Катедрата за физика на честички во германскиот истражувачки центар DESY во Хамбург, за ДПА изјави дека прекинот на соработката со Русија ќе донесе многу негативни последици.

„Тоа не значи дека некои истражувања ќе бидат невозможни поради прекинот на соработката, но сè ќе стане многу потешко и побавно, со чести доцнења“, истакна Хајнеман.

Околу 1.000 руски научници беа вклучени во проектите на ЦЕРН

ЦЕРН, основан во екот на Студената војна во 1954 година, денес е едно од најважните истражувачки тела во областа на физиката на честичките и го има најмоќниот забрзувач на честички во светот.

Илјадници научници од целиот свет работат на истражувачки проекти во ЦЕРН. Во проектите досега учествувале околу 1.000 научници од Русија, потврди директорот за истражување на ЦЕРН, Јоаким Мих.

„Пред да заминат, руските научници дадоа значаен придонес со пренесување на своето знаење“, рече Мих.

„Голема штета за науката“

„Научниците од ЦЕРН соработуваа со Русија и за време на Студената војна, мотивирани од научната љубопитност и во духот на мирот. Се чини дека тоа веќе не е можно, што е голема штета“, вели Маркус Клуте, директор на Институтот за физика на експериментални честички при Технолошкиот институт во Карлсруе.

Во јуни 2022 година, ЦЕРН одлучи да ги раскине договорите за соработка со Русија и Белорусија поради војната во Украина. Петгодишниот договор со Белорусија истече на 27 јуни, додека договорот со Русија истече на 30 ноември.

Заминувањето на руските научници сериозно ќе влијае на проектите на ЦЕРН, вклучително и експериментите на Големиот хадронски судирач (LHC), бидејќи Русија покривала 4,5% од буџетот за тие истражувања, со годишен придонес од 2,3 милиони швајцарски франци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП