Во последните години, малите маалски продавнички во Скопје сè повеќе се затвораат, препуштајќи им го просторот на големите супермаркети и трговски синџири.
Овој тренд е особено забележлив во центарот на главниот град, каде што некогашните препознатливи гранапчиња, кои беа дел од секојдневниот живот на жителите, полека исчезнуваат.
Главната причина, според сопствениците, е непобедливата конкуренција од страна на супермаркетите, но и променетите навики на скопјани, кои сè повеќе пазарат на месечно ниво.
Не можевме да опстанеме
„По 25 години работење, морав да ставам клуч на врата,“ вели Гоце Трајковски, сопственик на малата продавничка во близина на Универзалната сала, која до пред неколку месеци беше омиленото место за локалните жители да ги набават своите дневни намирници. „Кога почнавме со работа, ситуацијата беше сосема поинаква. Луѓето доаѓаа секојдневно за леб, млеко, и основни продукти. Но денес, со порастот на супермаркетите и хипермаркетите, едноставно не можевме да се натпреваруваме“.
Трајковски објаснува дека зголемениот број на супермаркети, кои нудат попусти и можност за масовно купување, го промени начинот на кој луѓето пазаруваат.
„Скопјани почнаа да пазаруваат на големо, еднаш месечно. Исто така, супермаркетите нудат сè на едно место – од храна до домашни производи, што за нас, малите продавници, беше невозможна мисија.“
Променети навики на купувачите
Еден од клучните фактори за намалувањето на бројот на малите маалски продавнички е промената во навиките на купувачите.
Модерниот животен стил и побрзото темпо на живеење доведоа до тоа граѓаните сè поретко да пазаруваат на дневно ниво.
Со отворањето на супермаркети на секој агол, и со порастот на онлајн пазарењето, малите гранапчиња станаа минато.
„Се сеќавам дека порано не поминуваше ден без редица од купувачи пред мојата продавница“, се потсетува Трајковски. „Но последните неколку години, со зголемениот број супермаркети и новите навики, едноставно изгубивме многу од нашите редовни муштерии“.
Економски фактори
Според економските аналитичари, затворањето на малите продавници е резултат на неколку поврзани економски фактори.
„Големите супермаркети имаат многу поголеми ресурси за набавка на продукти, со што можат да понудат пониски цени и акции кои малите продавници едноставно не можат да ги следат. Дополнително, луѓето сè повеќе се свртуваат кон ефикасноста – кога купуваат во супермаркет, можат да набават сè што им треба на едно место, и тоа по многу поконкурентни цени“, објаснуваат експертите.
Тие додаваат дека и самите супермаркети нудат значителни погодности на купувачите преку програмите за лојалност, попустите и онлајн платформите за купување.
„Пазарувањето се промени на глобално ниво, а ова е само одраз на тие глобални трендови кај нас. Малите бизниси се особено ранливи во вакви услови, а тоа е случај и со маалските продавнички“, коментираат аналитичарите.
Што носи иднината?
Иако малите маалски продавнички исчезнуваат, некои од нив се обидуваат да се прилагодат.
Некои продавачи се фокусираат на нудење уникатни производи или органска храна, но дури и тие се соочуваат со ограничен пазар.
„Не можев да се натпреварувам со цените, дури и кога се обидов да понудам нешто поинакво“, вели Трајковски.
Додека супермаркетите доминираат на пазарот, се чини дека малиот бизнис во форма на гранапчиња полека исчезнува од секојдневниот живот на Скопје.
Б.З.М.