19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАФранција планира да додаде 60 милијарди евра во својот буџет преку фискално...

Франција планира да додаде 60 милијарди евра во својот буџет преку фискално пренасочување

Франција планира да додаде околу 60 милијарди евра во својот буџет преку намалување на трошоците и зголемување на даноците следната година, бидејќи премиерот Мишел Барние се обидува да го надомести растечкиот дефицит и да ја зголеми довербата на инвеститорите во земјата, пишува „Bloomberg“.

Мерките се потребни за да се намали буџетскиот дефицит на 5 отсто од бруто домашниот производ (БДП) од околу 6,1 отсто оваа година, изјавија владини претставници кои сакаа да останат анонимни.

Нешто повеќе од две третини од вкупниот број ќе дојде од кратења на трошоците во министерствата, локалните власти и системот за социјално осигурување, додаваат тие. Нешто помалку од 20 милијарди евра ќе бидат генерирани од привременото зголемување на даноците за богатите и големите компании, како и од зголеменото зелено оданочување.

Добивањето правилен биланс на мерки во буџетот за следната година е деликатен предизвик за Барние, кој неодамна беше назначен за премиер, а неговата центристичка коалиција нема бројки за да го спречи обидот на здружената опозиција да ја собори владата.

Дополнително на притисокот, инвеститорите ги продадоа француските обврзници во последниве месеци поради загриженоста за пропуштените цели за намалување на дефицитот и политичката нестабилност по предвремените парламентарни избори доведоа до длабоко поделен Долниот дом.

Буџетот ќе биде доставен до кабинетот и парламентот на 10-ти октомври на расправа и можни амандмани. Многу е веројатно дека Барние на крајот ќе прибегне кон уставна алатка за да го заобиколи гласањето, бидејќи тој нема мнозинство, а во Франција постои конвенција што им дозволува на пратениците од опозицијата да стават вето на буџетските закони.

Меѓутоа, ако Барние ја искористи оваа опција, тоа им дава на пратениците уште една шанса да изгласаат недоверба за да се обидат да ја соборат администрацијата.

Буџетот мора да биде усвоен до крајот на годината.

Сегашната парламентарна математика покажува дека најголемата закана за опстанокот на неговата влада ќе дојде од екстремно десничарската партија Национално собрание на Марин Ле Пен. Засега таа вели дека ќе се воздржи од гласање недоверба за да избегне повторно да ја втурне земјата во политички „хаос“.

Сепак, Барние мора да се справи и со критиките во сопствениот табор. Некои пратеници во групата што ја поддржува малцинската влада предупредија дека нема да ги поддржат даночните зголемувања што ризикуваат да ги поништат седумгодишните про-бизнис политики под претседателството на Емануел Макрон.

Целта на дефицитот во првичниот текст што ќе биде претставен на 10-ти октомври ќе биде 5,2 отсто од БДП, а некои мерки – вклучително и зеленото оданочување – ќе бидат воведени со амандмани за време на парламентарната расправа.

Севкупно, околу половина од 40 милијарди евра кратење на трошоците ќе дојде од ограничување на буџетите на министерствата. Остатокот ќе биде генериран од забавување на трошењето на локалната власт и заштедите во системот за социјално осигурување. Плановите на владата вклучуваат одложување на индексирањето на пензиите до 1-ви јули и ограничување на порастот на трошоците за здравствена заштита на 2,8%.

Буџетот за 2025-та година се заснова на прогноза за економски раст од 1,1 отсто, што официјалните лица го опишуваат како разумно со оглед на малку повисоките очекувања од голем број институции, вклучително и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП