Иако Европската унија пред неколку години најави дека ќе го укине летното и зимското сметање на времето, унифицираниот систем се уште не е воведен, па наскоро ќе очекуваме повторно да се помести часовникот.
Зимското сметање на времето се префрла на секој последен викенд во октомври ноќта меѓу сабота и недела, додека летното сметање на времето се префрла на последната недела од март кога времето се поместува еден час нанапред.
Годинава ноќта меѓу 26 и 27 октомври ќе треба да ги свртиме часовниците еден час наназад, од 3 на 2 часот, што значи дека од летно ќе се враќаме на зимско. Иако многумина веруваат дека поместувањето на часовникот го нарушува биоритамот, за некои нема да биде тежок преминот кон зимско сметање на времето, бидејќи ќе спијат еден час подолго.
Го менуваме часовникот двапати годишно, а експертите велат дека движењето на часовникот напред или назад може да предизвика и одредени здравствени проблеми. Како што покажаа некои студии, овие промени може да ги нарушат природните циклуси на спиење во нашето тело, што резултира со влијание врз физичкото и менталното здравје.
Многу експерти и истражувачи кои се занимаваат со оваа тема повикуваат на траен крај на промената на времето и предлагаат враќање на зимското сметање на времето, кое е подобро усогласено со човечкиот деноноќен ритам.
Промените што се случуваат со поместување на часовникот наназад или напред се случуваат постепено и на нашето тело му требаат неколку недели да се прилагоди.
Преминот од летно во зимско сметање на времето е нешто поблага варијанта за нашето тело во однос на онаа што ја имаме на пролет.
Да потсетиме, имаше многу полемики за промената на времето во пролет и есен кога времето се смета како лето и зима. Во 2019 година, Европскиот парламент гласаше да се стави крај на промената на часовникот, бидејќи студиите спроведени на оваа тема покажаа дека 84 отсто од луѓето во земјите што учествуваа во летното сметање на времето би сакале тоа да заврши.