Земјите од еврозоната ќе се борат да ја исполнат ревидираната фискална рамка на Европската унија (ЕУ), според истражувањето на „Bloomberg Economics“ (BE).
„Тешко е да се процени колку сегашните владини политики се далеку од усогласувањето со новите правила на ЕУ“, коментираат Ана Андраде и Баргави Сактивел од „ВЕ“.
По долгогодишно трошење за да се ограничат кризите, вклучително и пандемијата и последиците од руската инвазија на Украина, Брисел повторно ги воведе фискалните ограничувања кои имаат за цел да бидат доволно строги за да наметнат дисциплина, но не премногу за да бидат недостижни.
Додека Франција и Италија веќе се меѓу земјите против кои ЕУ започна казнени процедури за прекумерен буџетски дефицит, Андраде и Сактивел забележуваат дека долгорочните кредитни траектории се „далеку попроблематични“.

Врз основа на сопствените проценки на „ВЕ“ за растот и пазарните каматни стапки, „долгот не е ни блиску до намалување на среден рок со 70% веројатност“, пишуваат аналитичарите.
Во Франција, каде што политичкиот ќорсокак го отежна намалувањето на дефицитот, шансите за пад на долгот меѓу 2031-ва и 2036-та година се проценуваат на само 11%, додека веројатноста Италија и Шпанија да го постигнат тоа е, соодветно, 32% и 39%.
Истражувањето покажува и што би се случило доколку Франција „строго“ ги активира плановите. Долгот на земјата ќе се намали во текот на следните две децении на ниво што е за 42 процентни поени пониско од основната прогноза врз основа на седумгодишен план за прилагодување, велат аналитичарите.

Она што всушност ќе се случи во Франција е поумерена политика. Премиерот Мишел Барние се уште не ја објавил новата влада. Сепак, тој издаде предупредување за јавните финансии на земјата, велејќи дека „буџетската ситуација е многу сериозна“.