Забраната за издавање нови дозволи за краткорочно изнајмување во три квартови во строгиот центар на Атина ќе биде во сила најмалку една година, соопшти денеска грчката влада, а истовремено го зголеми и данокот за изнајмување на такво сместување за одмор.
Како и многу други европски туристички дестинации, Грција се обидува да ја балансира профитабилната индустрија управувана од онлајн платформите како што е Airbnb со потребите на локалните жители кои се соочуваат со недостиг на станови.
Недостигот на станови и зголемените трошоци за живот ги натераа властите да објават одлука овој месец за зголемување на даноците за краткорочни изнајмувања, забрана на нови дозволи во центарот на Атина и охрабрување на сопствениците на имот да се префрлат на долгорочни изнајмувања.
Се очекуваат рекордни приходи од туризмот
Грчката министерка за туризам Олга Кефалогјани денеска објави дека забраната за ново краткорочно изнајмување во Атина ќе стапи на сила од 1 јануари 2025 година.
Дневниот данок на краткорочни изнајмувања и помага на земјата да се справи со влијанието на природните катастрофи поврзани со климатските промени. Во периодот од април до октомври ќе се зголеми од 1,5 на 8 евра, изјави министерот за финансии Костис Хаџидакис. Во зимските месеци данокот ќе се зголеми од 0,5 на 2 евра.
Министерот Кефалогјани рече дека Грција годинава од туризмот очекува приход од 22 милијарди евра, што е уште еден рекорд. Таа во борбата против масовниот туризам најави уште една мерка – такса во висина од 20 евра за посетителите од бродовите за крстарење кои во екот на летната сезона ги посетуваат островите Санторини и Миконос, а ќе стапи на сила следната година.