28 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗемјоделските задруги се „мајка“ за земјоделците

Земјоделските задруги се „мајка“ за земјоделците

Во срцето на Радовиш, каде што земјоделството е повеќе од професија – тоа е начин на живот, земјоделците се соочуваат со предизвикот на модернизација и унапредување на своите традиционални методи.

Здружувањето на земјоделците преку задругарство се покажува како клучен чекор кон постигнување на повисоко производство и профитабилност.

Сепак, во последните години, земјоделските задруги во земјата се соочуваат со низа пречки кои го оневозможуваат нивното функционирање на очекуваното ниво.

„Секој ден се бориме да го зголемиме квалитетот на нашите производи и да ги прошириме нашите пазари, но без силна поддршка и организирана структура, нашите напори честопати се нецелосни”, ни изјави Петар Велевски, земјоделец од Радовиш.

Тој вели дека токму задругите би можеле да бидат мостот што ги дели земјоделците од поголем успех.

Додека во други делови на светот земјоделските задруги се сметаат за столб на руралната економија, во нашата земја тие сè уште се борат да го најдат своето место.

Со само 50 активни задруги од вкупно 76 регистрирани, и со минимален придонес кон Бруто Домашниот Производ (БДП) и вработеноста, потребата за реформи е очигледна.

„Задругите не треба да се гледаат како застарен концепт, туку како динамичен и адаптивен модел кој може да го трансформира земјоделството. Со правилните законски рамки и поддршка, тие можат да стимулираат иновации и да го зголемат конкурентниот дух меѓу земјоделците“, коментираат економистите.

Министерството за земјоделство и рурален развој најавува промени во Законот за земјоделство кои би требало да ги унапредат условите за здружување на земјоделците.

Овие промени се насочени кон создавање на посилна правна основа за функционирање на задругите, со цел да се зголеми нивниот импакт во економијата и да се обезбеди подобра поддршка за земјоделците.

Со овие предвидени законски промени, се очекува земјоделските задруги да можат поконкурентно да се позиционираат на пазарот, да ги зголемат своите производствени капацитети и да ги подобрат условите за работа на своите членови.

Ова би можело да биде пресвртна точка за земјоделското задругарство во земјата, кое би можело конечно да го оствари својот потенцијал и да придонесе кон стабилноста и просперитетот на руралните заедници.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП