Ако сте постари од 40 години и едно утро ви се чини дека наеднаш брзо остаревте – можеби не го замислувате тоа. Научниците открија дека луѓето најмногу стареат во два наврати: првиот доаѓа во просек на 44-годишна возраст, а вториот на возраст од 60 години.
„Ние не се менуваме само постепено. Има периоди кога се случуваат драстични промени. Излегува дека тоа се случува во средината на 40-тите, а потоа во раните 60-ти“, вели генетичарот Мајкл Снајдер од Универзитетот Стенфорд во САД, пренесува Science Alert.
Снајдер и неговите колеги ја истражувале биологијата на стареењето за подобро да разберат кои точно промени се случуваат и како. Тие следеа група од 108 возрасни кои донираа биолошки примероци на секои неколку месеци неколку години. Секој учесник доставил во просек по 47 примероци во текот на 626 дена.
Тие забележаа дека за некои состојби, како што се Алцхајмерова болест и кардиоваскуларни болести, ризикот не се зголемува постепено со текот на времето, туку нагло ескалира по одредена возраст. Затоа, тие решија подетално да ги разгледаат биомаркерите на стареењето за да видат дали можат да ги идентификуваат поврзаните процеси.
Притоа, тие анализирале различни типови на молекули, вклучувајќи РНК, протеини, липиди и таксони на микробиомот на цревата, кожата, носот и усната шуплина. По анализата, научниците забележале дека има значителна промена во количината на различни типови на молекули во човечкото тело во текот на две животни фази.
Приближно 81 процент од проучуваните молекули се промениле во текот на едната или двете фази. Промените го достигнаа својот врв во средината на 40-тите, а потоа повторно во раните 60-ти.
За време на врвот во 40-тите, беа забележани промени во молекулите поврзани со метаболизмот на липидите, кофеинот и алкохолот, како и кардиоваскуларни болести и дисфункција на кожата и мускулите. Врвот во раните 60-ти беше поврзан со метаболизмот на јаглени хидрати и кофеин, кардиоваскуларни болести, кожата и мускулите, имунолошката регулација и функцијата на бубрезите.
Кај жените, првиот пик во средината на 40-тите обично се случува кога влегуваат во менопауза или перименопауза, со тоа што научниците веруваат дека процесот на менопауза не е главниот предизвикувачки фактор имајќи предвид дека и мажите поминале низ значителни молекуларни промени во истиот период.
Истражувањето со наслов Нелинеарна динамика на мулти-омските профили за време на човечкото стареење беше објавено во списанието Nature Aging.