Се погласни се газдите во намерите да го укинат Законот за недела неработен ден. Нивните иницијативи почнаа ова правило да не важи во моловите, па во туристичките локалитети низ Македонија, но сега апетитите им се зголемија и настојуваат од новата влада да договорат целосни измени на законскотот решение. Тоа ќе значи сите компании да имаат можност да работат, но на вработените да им се плаќа зголемена дневница, и тоа сериозно да биде контролирано. За ваквиот план синдикатите не сакаат да преговараат. Недела неработен ден за работниците е повеќе од слободен ден. Тоа е време поминато со најблиските и време за достоинствен одмор, велат од ССМ.
Од Стопанската комора бараат да се видат ефектите по воведувањето на Недела неработен ден. Бизнисот најавува дека на маса сака да ги спротистави фактите со синдикалците и да направи промена во правилото, последниот ден од неделата повторно да биде работен, но по договор помеѓу вработениот и работодавачот. А дневницата која ќе се добива во недела да биде двојно повисока како што стои во моменталното законско решение. Од најголемото бизнис здружение се жалат дека фирмите претрпеле големи штети поради недела неработен ден.
„Баш би сакале да се видиме со синдикатите, бидејќи не се дојдени тука. Мислиме дека е време да седнеме и со нив да поразговараме. Ние за тоа имаме свои аргументи. Не ги криеме аргументите, ги изнесовме јасно. Тоа беше и на Уставен суд. Значи, ние зборуваме дека за секој закон од системски карактер по шест месеци или година дена, треба анализа која ќе покаже што треба да се корегира или сосема да се менува. Тврдиме дека анализа за овие закони за кои зборувам не е направена, а тие директно „брцаат“ во џебот на бизнисот, наместо да ги регулираат односите меѓу нас“, сметаат од Стопанската комора.
На ист став се и од Организацијата на работодавачи кои велат дека актуелното законско решение за Недела неработен е донесено само поради тоа што не се почитуваа правилата, односно не се плаќаа работниците соодветно кои работат во неделите. Нивните информации велат дека во индустрија на која им е овозможено да работи, со образложение дека работниот процес не може да запре, во таквите компании најголемиот дел од работниците се менуваат кој која недела да работи бидејќи увидоа дека платата значително им се зголемува ако работат во недела, а во текот на следната недела некој од деновите им е слободен.
„Има луѓе кои сакаат да работат во недела и сакаат да заработат пари. Ние бегајќи од тоа што не сме способни да ги спроведуваме законите, носиме нелогични мерки. Зошто во недела да не се работи. Ако некој работи во недела ќе имаат сите, ќе има повеќе и за работникот, и за компанијата, но и за буџетот на државата. Мислам дека, ако ние ги спроведуваме законите, ако се се плаќа, тој нема да има проблем да работи во недела, и ќе користи друг ден во следната недела како слободен ден“, велат од Организацијата на работодавачи.
Но, од Сојузот на синдикати на Македонија се децидни. Недела неработен ден велат дека не смее да се чепка.
„Недела неработен ден врати ронка од достоинството на работниците. Точно е дека не се почитуваше ниту работното време, ниту пак дека поголем дел од работниците добиваа зголемена дневница за работа во недела. Сега работата на празник треба да биде 250 отсто повисока од редовната и пак не се почитува. И сега дали треба да се надеваме дека ако се укине Недела неработен дека газдите ќе плаќаат 50 отсто повисока дневница?Работниците треба и мора да го уживаат правото за недела неработен ден, затоа што работат и прекувремени часови и тоа никој не го плаќа, па затоа нема да се откажеме од еден загарантиран слободен ден во неделата за работниците“, велат од ССМ.
Од владата посочија дека ќе го разгледаат Законот за недела неработен ден и се надеваат дека ќе донесат решение кое ќе биде добро за сите засегнати страни. Недела неработен ден беше донесено како законско решение на 20ти декемви 2021 година, а неговата примена почна од први јануари 2022 година.
И.П