5 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНаучивме ли нешто од енергетската криза?!

Научивме ли нешто од енергетската криза?!

Состојбата со енергенсите на глобално ниво полека се стабилизира. Не може да се каже дека предизвиците поминаа и може полека да се здивне со оглед на фактот што во Европа има две војни на подрачја и тоа како се битни за енергетската слика на светот. Но едно е сигурно, може да се констатира дека помина најлошото. Оваа енергетска криза беше можеби една од најголемите проблеми на државите во поновата историја. Кризата со енергија предизвика галопирачка инфлација која придонесе дури и банкрот на држави, вистински турбуленции на берзите и енормно осиромашување на милиони луѓе.

Енергетската криза предизвика драматичен раст на цените на енергентите во земјите од Западен Балкан. Покрај големата зависност од фосилните горива и увоз на електрична енергија, неефикасностите во енергетската потрошувачка дополнително го продлабочија проблемот. За разлика од ЕУ, земјите од Западен Балкан трошат 50% повеќе енергија за да произведат еднаков обем на БДП.

Во текот на последните 6 години, регионалните капацитети за обновлива енергија растат речиси три пати побавно отколку во ЕУ. Податоците од најновото истражување на Институтот за економски анализи Finance Think покажуваат како и поради кои причини растеа цените на храната и енергентите, но и како тоа се одрази на самата егзистенцијата на домаќинствата, потоа каква беше конкурентноста на компаниите, но под лупа ги стави и трошоците кои ги имаше државата обидувајќи се да го намали ударот од енергетската криза.

„За да се справат со неповолните ефекти од кризата, владите на земјите од Западен Балкан воведоа анти-кризни мерки за домаќинствата во проценет износ од 3.5 милијарди долари во Западниот Балкан, што го влоши и онака истрошениот фискален простор. Во Северна Македонија, субвенциите за електрична енергија за домаќинствата достигнаа 3.2% од БДП, со што значително го оптоварија буџетот и потенцијално придонесоа кон намалување на расходите за социјална и здравствена заштита. Позитивен исход од овој период е фактот што во среднорочните фискални стратегии на земјите од Западен Балкан се предвидуваат и поголеми инвестициски планови за развој на енергетскиот сектор, што се клучни за спречување на идни шокови од ваков тип, како и за намалување на дополнителниот пристикок врз фискалната политика“, велат од Finance Think.

Мерките пак кои ги презема Народната банка во последниве неколку години имаа за цел да ја одржат економската стабилност на државата на здрави нозе. Централната банка доби неколку признанија и пофалби од страна на меѓународните финансиски институции дека донела правилни решенија и мерки за справување со неколку годишната криза. Тоа за Народната банка беше потврда дека со исто темпо треба да се продолжи и понатаму. Енергетскиот шок со кој се соочи светот изминатите две години беше посилен од кризата во 70-тите години од минатиот век. Овој ценовен шок ги опфати сите енергенти, за разлика од 70-те кога главно се одрази на цените на нафтата. Степенот на глобализација сега е многу повисок, така што и повеќекратните ефекти се поголеми.

 „Покрај инфлацијата, се соочивме и со значајни предизвици и во надворешниот сектор, при што трговскиот дефицит достигна 27% од БДП во 2022 година, а ваквите промени во надворешната позиција очекувано создадоа притисоци на девизниот пазар. Народната банка, преку интервенции на девизниот пазар и други мерки, успешно ја зачува стабилноста на денарот. Девизните резерви на почетокот на кризата се намалија, но со нормализирањето на трендовите, тие забележаа раст, така што на крајот на 2023 година нивното ниво е повисоко за 40% во однос на преткризниот период. Соодветната комбинација на монетарни и макропрудентни мерки придонесе за успешно одржување на стабилноста на девизниот курс и намалување на инфлацијата на едноцифрени стапки“, велат од Народната банка.

Владата во заминување посочи дека со серија на антикризни пакети се обидела да влијае врз намалувањето на ценовниот шок. Од намалување на ДДВ на цената на струјата и на дел од прехранбените производи, субвенција на цената на електричната енергија за домаќинствата, финансиска помош за одредени категории на граѓани, замрзнати цени, органичени маржи беа само дел од мерките со кои државата излезе во пресред на граѓаните.

Растот на цените на енергентите придонесе за двојно зголемување на глобалната инфлација, додека кај земјите од Западен Балкан таа се зголеми четирикратно. Кога станува збор за нашата земја, како мала, енергетски зависна и енергетски неефикасна економија, таа беше силно погодена од енергетската криза, што се одрази и на инфлацијата, која достигна 14,2% на годишно ниво.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП