Не запира растот на цената на кафето на светските берзи. Овој тренд според голем број на светски брокери ќе родолжи и натаму, а можно е да достигне и рекордно ниво. Цените на кафето енормно се зголемуваат со месеци. Во моментов цената на сировото кафе е зголемена за повеќе од 70% во однос на почетокот на годината и 50% во однос на истиот период лани.
Ниту Македонија не остана имуна на ваквите глобални случувања. Традиционалното „турско“ кафе кои најчесто го користат домаќинствата веќе се продава по повисока цена во однос на цената од пред една година. По нови повисоки цени се и машинските кафиња кои се служат во кафе баровите и рестораните. Домашните трговци на кафе за Денар велат дека новото зголемување на цената би било неколку проценти, бидејќи одреден временски период тие работеле на раб на одржливост.
Цената на кафето – без разлика дали е арабика или робуста – во голема мера е одредена од принципите на понуда и побарувачка. Во суштина, бидејќи глобалните залихи на кафе се ограничени, цените ќе се зголемат доколку побарувачката се зголеми. Во последниов период од неколку години е забележано зголемување на побарувачката за робуста – особено со порастот на популарноста на мешавините во специјалното кафе, но причините за речиси рекордно ниво на цените се посложени од тоа.
Информациите од светските берзи велат дека цените на робуста во моментов се на највисоко ниво во последните 29 години. Недостигот на понуда и големата побарувачка на пазарот, од друга страна влошена ситуација поради тешкотиите во транспортот поврзани со Источна Азија се главните причини за ваквите турбуленции со цените на кафето.
Од информациите до кои стасавме може да се забележи дека на 30 јануари 2024 година, залихите на кафе робуста, следени од Интерконтиненталната берза, паднаа на рекордно ниско ниво од 2.996 лота. Главните причини за ова беа:
Зголемување од 47% на годишно ниво на извозот на кафе во Виетнам, а тој е најголемиот светски производител на робуста. Прекумерните суви услови во регионите на растење во Бразил кој е втор по големина светски производител на робуста, што негативно влијаеше на некои жетви. Дополнително, тековната криза во Црвеното Море силно влијае на глобалните трговски патишта – особено бродските рути што ги поврзуваат источно азиското потекло како што се Виетнам и Индонезија со пазарите на дестинации во Европа. Ова значи дека добавувачите или се соочуваат со подолго време на испорака или плаќаат повисоки цени за да се приспособат на зголемените премии за ризик од осигурување и зголемената конкуренција за простор за транспортни контејнери.
Дополнително, податоците кои се објавуваат и во светските медиуми велат дека има многу други фактори кои влијаат на зголемувањето на цената на робуста, вклучително и недостигот поврзан со сушата што ќе ја зголеми цената со побарувачката.
Недостигот на арабика поврзан со климата, исто така, ќе ја зголеми побарувачката за робуста бидејќи фабриките ќе треба да ги диверзифицираат своите понуди. Покрај тоа, постои тренд на тргувањето на ICE што ќе влијае на цената поради динамиката на понудата и побарувачката. Ако некоја компанијата предвидува континуиран недостиг, таа може да обезбеди залиха порано, што исто така може да доведе до зголемување на цената.
Во најновиот извештај за пазарот на кафе, стои дека залихите на сертифицираните робуста паднале на 0,48 милиони кеси од 60 килограми во периодот помеѓу декември 2023 и јануари 2024 година – што претставува пад од 15,4%. С
поред некои брокери кои се занимаваат со прогнози и следење на тековите на берзата, оваа година до крајот на 2024 се очекува рекордно зголемување на цените на кафето, а за наредната 2025 се очекува нормализирање на цените. Сето тоа зголемување ќе ги принуди производителите на кафе да ги зголемат малопродажните цени, и да се прилагодат на условите кои ги диктира светската берза.
И.П