27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе збогатија со нафта, а сега сакаат да ископуваат литиум

Се збогатија со нафта, а сега сакаат да ископуваат литиум

Илјадници нафтени бунари би можеле да бидат потенцијален извор на литиум.

Саудиска Арабија се подготвува за сценарио кое станува се поизвесно: крајот на златното доба на суровата нафта. Нафтата се потешко се вади, а подемот на електричните автомобили ги принудува нафтените гиганти да се фокусираат на бизнис што би имале проблем да го замислат пред само неколку години: бизнисот со метали што се користат за производство на батерии.

Сега од нафтените полиња на државниот гигант „Saudi Aramco“ ќе почне да се вади литиумот, критична суровина за производство на батерии, и тоа не е единственото.

Имено, националните нафтени компании на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (Abu Dhabi National Oil Company) планираат да извлечат литиум од солената вода од нивните нафтени полиња и се во рана фаза на процесот.

Илјадници нафтени бунари би можеле да бидат потенцијален извор на литиум. Компаниите засега не ги откриваат деталите за процесот на екстракција, но веројатно се справуваат со проблемот што при екстракција на литиум од солена вода, нивото на концентрација може да биде многу ниско.

И покрај фактот дека растот на пазарот на електрични возила стагнира и цената на литиумот падна за околу 80% од својот врв во ноември 2022-ра година, литиумот останува стратешки важна стока контролирана од Кина.

Во ноември 2023-та година, нафтениот гигант „ExxonMobil“ ја објави својата намера да стане водечки производител на литиум, со Северна Америка како нејзина прва цел. Ќе користи апаратури за дупчење нафта и гас за пристап до солена вода богата со литиум (саламура) од длабоки подземни резервоари.

Со монархија како форма на влада и економија целосно поврзана со нафтата, Саудиска Арабија започна нова енергетска стратегија. Во 2017-та година почна јавно да ја објавува својата намера да ја намали зависноста од нафта и да ја прифати електромобилноста со стартап компании, како „Tesla“ или „Lucid Motors“ во тоа време.

Имено, државниот фонд на Саудиска Арабија купи 5% од акциите на компанијата предводена од Илон Маск, додека поседува 60% од „Lucid Motors“. Покрај тоа, кралството создаде сопствен бренд на електрични возила „Ceer“ и има намера да произведува половина милион електрични возила годишно во новата фабрика.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП