Министерството за економија објави дека мерката за гарантирани цени на прехранбените производи, која завршува на крајот на овој месец, нема да се продолжи.
Ваквата одлука предизвика загриженост кај граѓаните и експертите, кои се сомневаат во нејзините потенцијални последици врз цените на основните прехранбени производи.
Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, кој беше усвоен од Владата уште во декември 2023 година, ќе ја замени мерката за гарантирани цени.
Според ресорниот министер Крешник Бектеши, овој закон ќе стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.
„Очекуваме ова законско решение, кое е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаменце, да биде усвоено во најкраток можен рок. Со законот очекуваме да се намалат цените на прехранбените и земјоделските производи”, изјави вчера Бектеши.
Граѓаните, пак, отворено ја изразуваат својата загриженост.
Оваа одлука ќе ни се удри од глава. Нема да можаме да го преживееме месецот со зголемените цени на храната. Мерката е катастрофална. Знаат ли политичарите дека најголемиот дел од народот живее од плата до плата? Секој ден се бориме да преживееме. Ако цената на храната се зголеми, народот ќе падне гладен на колена. Не знам како ќе се справиме”, коментира 48-годишниот Маријан Стрезовски од Скопје.
Оваа негова изјава го илустрира стравот и несигурноста што ги чувствуваат многу граѓани откако ја слушнаа одлуката за одмрзнување на цените на основните прехранбени производи.
Загриженост се чувствува и кај економските експерти кои им порачуваат на властите да бидат внимателни со носењето одлуки.
„Со оваа одлука, властите треба да бидат внимателни и да ги заштитат интересите на најранливите граѓани, особено оние со ниски приходи и ограничени финансиски можности“, коментираат експертите.
Одлуката се однесува на: ориз бел, во пакување од 900 g до 1kg; брашно пченично тип 400 и тип 500; бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 g (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите; други пекарски производи; бисквити „Petit Beurre“ и бисквити обични и посни од 300 до 500 g; наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 g; тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица обични) без и со јајца од 500 g; јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел; свинско месо без коски, од бут или некој друг дел; мелено месо свинско и јунешко; пиле свежо или замрзнато (цело); пилешки стек свеж или замрзнат; чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување; пилешка посебна салама (без слајс пакување); паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 g; трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 l; јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 l и 1,5 l; кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500g; павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 g; традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци); традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци) и свежи јајца од кокошка.
Б.З.М.