6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнисот бара мерки за расонување на заспаниот извоз!

Бизнисот бара мерки за расонување на заспаниот извоз!

Извозот на стоки од Македонија во текот на ланската година бележи стагнација во однос на 2022 година. Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот јануари – декември 2023 година, вкупната вредност на извозот од земјава изнесува 512 368 615 илјади денари или 8,3 милијарди евра и бележи пораст од само 0.2 % во однос на истиот период од претходната година. Што се однесува пак до вредноста на увезената стока, во периодот јануари – декември 2023 година, таа изнесува 686 299 500 илјади денари, или 11,1 милијарди евра што е за 8.1 % помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Поради тоа Стопанската комора ја засили својата активност и направи радикална промена на методот на работа со мерки и алатки за имплементација на извозот како врвен приоритет. Од ова бизнис здружение ги истакнаа стратешките приоритети за следниот период кои имаат за цел да поттикнат поголема поддршка и унапредување на извозните активности на компаниите и нивна интеграција во регионалните и глобалните системи.

Традиционално, од извештајот на статистичарите може да се забележи дека во извозот најголемо учество има автомобилската индустрија и металната индустрија, и тоа катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и други катализатори на носачи. Во увозот пак најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица. Според анализираните податоци во периодот јануари – декември 2023 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена на Македонија најмногу е тргувано со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.

„Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – декември 2023 година, изнесува 512 368 615 илјади денари и бележи пораст од 0.2 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – декември 2023 година, изнесува 686 299 500 илјади денари, што е за 8.1 % помалку во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – декември 2023 година, изнесува 173 930 885 илјади денари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – декември 2023, изнесува 74.7 %.“ стои во извештајот на ДЗС.

Од Стопанската комора велат дека македонските компании мора да бидат конкурентни, а за да се зголемат извозот и конкурентноста на компаниите, но треба да функционира и правната држава и владеењето на правото. Истовремено потребно е и елиминирање на нетарифните бариери, кои се сериозна пречка за зголемување на извозот, зголемување на бројот на стратешките пазари на кои извезуваат македонските компании, како и вмрежување на повеќе институции и компании за олеснување на извозот. Стопанствениците се надеваат дека овие пораки ќе стигнат и до идните власти кои треба да ја водат државата, а таа конечно да ја намалува потребата од увоз на стоки и се повеќе да го зголемува извозот кој носи повеќе средства во државната каса.

„Целта ни е методолошки да одиме на имплементацијата и тука да ги решаваме проблемите со нови алатки, нови инструменти коишто ќе ги воведеме. Мисламе дека во Македонија на секој му е доволно јасно што значи извозот и тоа не треба да се експлоатира, тоа е завршена работа. Без извоз Македонија не може да егзистира понатака. Мисламе дека е голема работа самиот факт што ние знаеме што е извоз и знаеме што треба да направиме понатака во делот на имплементацијата. Потребна е синергија и промптна примена на мерките и активностите за поддршка на извозот, а не само да се повторува дека извозот е врвен приоритет“, велат од Стопанската комора.

Според информациите од Стопанската комора, во периодот што следи бизнис секторот ќе се фокусира на унапредување на методите на водењето на извозните компании. Од Комората сметаат дека потребна е поддршка од институциите по области или сектори кои генерално треба да го подобрат извозот, но само ако се зголеми буџетот за поддршка на извозот преку поддршка на саемски манифестации и поддршка на маркетиншки активности, како и плански да се трошат доделените средства по основ на другите програми.

Дополнително, велат дека треба да се работи на остварување на целите за поддршка на извозот, да се направи посебна стратегија за работа со десет земји што ја имаме во надворешно трговската размена, да се воведат мерки за директна поддршка на државата за извозните компании преку буџетот и на крајот компаративна анализа за земјите кои на краток рок оствариле видливи резултати на овој план.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП