4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали Хутите можат да ја турнат Европа во нова рецесија?

Дали Хутите можат да ја турнат Европа во нова рецесија?

Од воведувањето на санкциите кон Русија, ЕУ се потпира на увозот на нафта од Азија и САД, но сега танкери ја избегнуваат пократката и поевтина рута низ Црвеното Море и цените на дизелот повторно се зголемија во Европа.

Порастот на глобалните цени на дизелот, кои достигнаа тримесечен максимум поради прекините во транспортот преку Црвеното Море и Суецкиот канал, ја става отпорноста на економијата на Европската унија на сериозен тест, која минатата година заврши на самиот раб на рецесија.

Зголемувањето на цената на нафтата ја одразува загриженоста на трговците дека турбуленциите во Црвеното Море ќе ги зголемат трошоците за гориво за потрошувачите и ќе го нарушат виталното снабдување од Азија во ЕУ, еден од најголемите светски увозници на рафинирани нафтени деривати, предупредува Фајненшл Тајмс.

Фјучерсите на бензинот, глобален репер за цените на дизелот, се зголемија за 15 отсто за нешто повеќе од еден месец и сега се на 845 долари за метрички тон.

Од воведувањето на санкциите против Русија за сурова нафта и деривати во 2022 година, Европската унија во голема мера се потпира на увозот од Азија и САД. Сепак, танкерите сега ја избегнуваат рутата низ Црвеното Море, а транспортот на дизелот до ЕУ од Азија стана поскап, бидејќи цените на товарот и осигурувањето се зголемија, а бродовите треба да пловат подолго околу африканскиот Рт на Добрата надеж.

Европската економија за малку избегна да ја заврши 2023 година во рецесија, покажаа официјалните податоци објавени во вторникот.

БДП во 20-те земји кои го користат еврото стагнира во четвртиот квартал во однос на претходните три месеци, покажува проценката на Евростат.

Економијата на ЕУ, која вклучува 27 земји-членки, исто така избегна рецесија, која обично се дефинира како два последователни квартали на економски пад.

Најголемата европска економија се колеба: германското производство се намали минатата година, а во четвртиот квартал германскиот БДП падна за 0,3 отсто во споредба со претходниот квартал, потврди во вторникот државниот завод за статистика.

Во меѓувреме, американските рафинерии дополнително ќе ги намалат испораките преку Атлантикот и дополнително ќе ги зголемат фјучерсите и цените на мало, предупредуваат експертите.

„Ова ќе ја остави Европа повеќе да се потпира на барели источно од Суец, и затоа нарушувањата во транспортот во Црвеното Море ќе имаат огромен ефект“, смета Наталија Лосада, аналитичар за нафтени деривати во „Енерџи Асептус“.

Земјите од ЕУ најмногу се напојуваат со дизел, кој се користи во товарниот транспорт и авијацијата, но и за затоплување на домовите. Остриот пораст на цените ќе го зголеми притисокот врз веќе загрозените економии на земјите-членки на ЕУ, кои претходно се потпираа на увоз на руски дизел додека не беше забранет.

„Изгледите за поскап дизел ги влошуваат економските предизвици и придонесуваат за растечката криза на трошоците за живот“, рече Џејмс Ноел Бесвик, аналитичар во Спарта Комодит.

Пред избувнувањето на војната во Газа, Европската унија набавуваше околу 60 отсто од дизелот од Блискиот Исток, а сега тој процент е намален на една третина.

Кризата во Црвеното Море се совпадна со падот на залихите на дизел во складиштето во Амстердам-Ротердам-Антверпен (АРА), што ја направи Европа уште поизложена на прекини во снабдувањето, се вели во анализата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП