4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСлучајот Телеком привремено се сели во Лондон

Случајот Телеком привремено се сели во Лондон

MagyarTelekom

Претставници на американската Комисија за хартии од вредност (СЕЦ) меѓу 5 и 7 ноември во Лондон ќе се соочат со тројцата директори на Маѓар Телеком, обвинети дека корумпирале високи функционери во претходната македонска Влада.

Судијата Ричард Саливан, од Јужниот окружен суд во Њујорк, пред неколку дена донел одлука дека тројцата обвинети, Елек Штрауб, Тамас Морваи и Андраш Балог, ќе мора да се соочат со претставниците на обвинителите од СЕЦ и да дадат исказ.

На соочувањето кое ќе се организира во Лондон, нема да присуствува претставник на судот, но исказите ќе може да се употребат во текот на судењето. Адвокатите од Вашингтон и Њујорк, кои ги бранат тројцата
обвинети унгарски директори, изјавиле дека тие ќе се бранат со молчење, на што имаат право според американскиот Устав.

– Обвинетите велат дека ќе се повикаат на своето право да се бранат со молчење во сите, освен во најпрвичните прашања. Комисијата за хартии од вредност планира да го предизвика ова нивно право, изјавиле претставниците на СЕЦ, кои веќе со години го водат случајот против
Маѓар Телеком.

Судијата Саливан постави рок до крајот на јануари 2015 година за завршување на процесот, поради што се очекува дека ова сослушување нема да биде последно.

По сослушувањето, почнува фазата на изнесување на доказите пред судот. Во СЕЦ и во Јавното обвинителство
на САД одбиваат да зборуваат за овој случај и да изнесат повеќе детали за карактерот на доказите кои ги поседуваат за да го докажат потплатувањето на македонската Влада во 2005 година, а засега и обвинетите Штрауб, Морваи и Балог се бранат со молчење.

Адвокатите на тројцата обвинети побарале соочувањето да се организира во Будимпешта, за нивните клиенти да се поштедат од долгиот пат до Њујорк или Лондон. Адвокатите наведуваат голем број лични причини на тројцата обвинети зошто не можат да дојдат во Њујорк.

– Патувањето од Будимпешта до Њујорк подразбира најмалку 15 часа летање во една насока, потреба за прилагодување на нова временска зона и време за состаноци со претставниците.

Г-дин Штрауб има 68 години и е пензиониран неколку години и за него би било голем товар да се одвои од семејството и обврските и да патува до САД само за да се изјасни дека нема да сведочи во овој момент.

Г-дин Морваи има деловни обврски, а неодамна му се роди син, при што е обврзан да се грижи за детето во текот на ноќта.

Отсуство од една недела би било голем товар за него, пишува во барањето на адвокатите Роберт Булер, Вилијам Саливан и Мајкл Кониг, кои ги застапуваат тројцата обвинети Унгарци.

Андраш Балог се повикал на обврски во комуналната компанија во која сега работи, како и на смртен случај во
семејството на сопругата, како оправдување зошто не може да патува до Њујорк.

Тројцата менаџери на Маѓар Телеком, компанијата – ќерка на германскиот Дојче Телеком, која ги купи Македонски Телекомуникации, се обвинети дека во 2005 година исплатиле мито на високи претставници на македонската Влада, на водечки претставник на владејачката партија СДСМ, како и на главниот албански коалициски партнер ДУИ, со цел да спречат спроведување на законската обврска на Владата да дозволи влез на нови телекомуникациски оператори во земјата, кои како конкуренција на доминантните Македонски Телекомуникации би можеле да преземат дел од пазарот и да ги соборат цените за корисниците.

Ова е втор процес кој СЕЦ го води во Њујорк против Маѓар Телеком и Дојче Телеком – во првиот процес унгарската и германската компанија се согласија да платат 95 милиони долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП