3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтопанството бара излез од монотоната состојба во државата!

Стопанството бара излез од монотоната состојба во државата!

Стопанските компании преку свои програми и активности се обидуваат да ја подигнат деловната активност и да ја подобрат ликвидноста на фирмите од приватниот сектор. Секое бизнис здружение со свои идеи за  подобра реализација на потребите за нормално функционирање. Инвестирање во дигитализација и примена на нови технологии, здружување на силите на малите и средни фирми се само дел од активностите кои се најавени од страна на бизнис здруженијата. Државата пак се нуди да биде посредник во бизнис релациите помеѓу домашните и странските компании.

Од Сојузот на стопански комори велат дека новото време и новите технологии мора да се искористат се со цел да  се подобри конкурентноста и да се зголеми развојот на целокупната економија. Вештачката интелигенција е само една од новите технологии која ќе предизвика вистинска револуција на пазарот на труд. Со воведувањето на новите технологии неминовно ќе биде едни дејности да заминат во историјата, но да се воведат нови индустрии, нови професии кои ќе бидат својствени за оваа нова ера. Доколку се пропушти оваа прилика наместо развој на економијата, државата и натаму ќе стагнира но и ќе назадува во однос на државите не само од регионот туку и во пошироки рамки.

„Општествата кои се дигитализирани на едно повисоко ниво, компаниите кои се солидно дигитализирани полесно ги пребродуваат кризите. Сите извештаи покажуваат дека повисокиот степен на дигитализација овозможува подобар раст на БДП од околу 25 отсто. Ако се земе ИТ секторот кај нас, тој е најчесто ангажиран за странските пазари за странски фирми, не остануваат луѓе да работат на дигитализацијата на македонските компании и на македонските државни институции. Македонските компании сега мора да најдат начин како да се дигитализираат, затоа што во иднина компаниите и организациите кои нема да се дигитализираат нема да опстанат на пазарот“, велат од Сојузот на стопански комори.

За подобрување на состојбите во стопанството од Стопанската комора информираа дека го формираа Центарот за микро, мали и средни претпријатија. Бизнисмените сметаат дека со поддршка и развој на економската активност ќе се даде дополнителен акцент на потребите на компаниите, а сето тоа ќе биде во улога и во интерес на оваа група правни субјекти се со цел  да се обезбеди сет на услуги и подршка за нивно непречено функционирање. Од Стопанската комора сметаат дека улогата на микро малите и средни претпријатија претставуваат значаен и витален дел на економијата во секоја земја, вклучително и на нашата. Податоците велат дека оваа структура на компании имаат доминантно учество од 99,6% во вкупниот број на активни деловни субјекти во државата, и воедно се најголеми работодавачи, обезбедувајќи околу 70% од вкупниот број на вработени лица.

„Учеството на малите и средни претпријатија во додадената вредност која се креира во земјата е со многу помал процент во вкупната додадена вредност споредено со големите компании. Ние како Комора знаеме дека однадвор сме препознаени како претставници на големите компании, кои покрај ниското учество од 0,3% во вкупните деловни субјекти во државата креираат околу 40% од додадената вредност и можеби тоа досега сме го истакнувале за да се разбере нивното економско значење и тежината од продонесот во домашната економија. Во нашата Комора, структурата на членството кореспондира со структурата на деловните субјекти дефинирани според нивната големина. Па така 86% од вкупните активни членки во СКСМ, се во групата на микро, мали и средни претпријатија. Затоа за нас клучен предизвик во наредниот период ќе биде, како на овие компании да им се помогне да остварат поголем раст и да придонесат во креирање на поголема додадена вредност. Доколку ММСП сакаат да останат конкурентни и да играат позначајна улога како на внатрешниот така и на меѓународниот пазар, мора постојано да се надградуваат, растат, да го зголемуваат бројот на вработени, да го зголемуваат опсегот на производи и услуги, пазарите, а со тоа да остваруваат и поголем профит, за што е потребно континуирано следење и имплементирање и на стандардите, за што треба да имаат континуирано информирање со цел запознавање на важноста и потребата од следење на овој процес“, Велат од Стопанската комора.

Домашните компании можат да растат и како партнери на странските инвестиции, велат од ТИРЗ. На тој начин средните и големи фирми од земјава имаат можност да ги зајакнат своите извозни капацитети и конкурентноста на странските пазари, да станат дел од синџирот на набавки кај странските компании во земјава како и да им се зголеми нивната инвестициска подготвеност. Информациите кои пристигнаа од државната институција која е надлежна за странските инвестиции велат дека ТИРЗ во партнерство со меѓународни партнери ќе започне нова иницијатива за поддршка на македонските компании. Преку јавен повик компании може да аплицираат и да станат на некој начин соработници со странските инвеститори.

„Повеќе од 20 години се зборува за тоа како домашните компании да ги интегрираме во системите за снабдување, за соработка со големите странски компании не само во земјава, туку и генерално во регионот и глобално, и ова е прв чекор во тој правец практично. Тоа значи дека ако досега сме зборувале во идно време, сега веќе зборуваме во сегашно време за работи што се случуваат. Ова е само прв чекор. Техничката помош подразбира дека компаниите ќе добијат можност да користат консултанти, за да станат поконкурентни и да бидат дел од синџирот на добавувачи на странските компании во земјава. Но исто така ќе добијат и техничка помош за подготовка на инвестициски планови и во следен чекор да ги искористат сите можности што ги нуди Владата за кофинансирање – Законот за финансиска поддршка, законите што го регулираат работењето на Дирекцијата. Значи финансиската поддршка по завршување на овој циклус следи, така што се очекува во оваа фаза минимум 10 компании коишто би поминале низ фазата на подготовка на инвестициски планови, дел од нив во скора иднина значи следните 2-3 години да станат и дел од семејството на ТИРЗ“, велат од ТИРЗ.

Податоците на Светска Банка од последниот извештај покажуваат дека македонската економија испорачува најмал економски раст во однос на државите од регионот. Очекувањата на оваа меѓународна институција е дека и во периодот што следи земјава нема многу да напредува и натаму ќе биде закована на дното во однос на земјите од опкружувањето кога станува збор за растот на Бруто домашниот производ.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП