18 април, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕВежбајте додека гледате телевизија

Вежбајте додека гледате телевизија

vezbitv1

Кој не сака да гледа телевизија? Сите имаме барем едно шоу или една серија што не држи пред телевизискиот екран. Но, гледањето телевизија не мора да е штетна навика која дебелее, како што редовно слушаме. Можете на едноставен начин да го искористите времето поминато пред телевизор за да го обликувате своето тело.

Наместо пасивно да зјапате во екранот или за време на рекламите да одите до кујната по повеќе грицки, бидете „активен“ гледач и вежбајте.

ВЕЖБИ ДОДЕКА ГЛЕДАТЕ ТВ

1. Зацврстување на нозете со седење. Седнете на стол, ‘рбетот држете го исправен, а стапалата прилепете ги на подот. Подигнете ја десната нога од подот и стапалото кревајте го нагоре се додека ногата не ви биде испружена во права линија. Висината на којашто ќе ви биде подигната ногата треба да е иста како и висината на седиштето на столот. Задржете ја ногата во таа положба 2-3 секунди, а потоа спуштете ја. Направете 15 повторувања со левата, па 15 со десната нога. Започнете со 2 серии.

2. Заменете го каучот со пилатес топка. Седењето на пилатес топка се препорачува од многу доктори. Тоа помага за подобрување на положбата на телото и ги зацврстува мускулите во областа на стомакот, бидејќи треба постојано да држите рамнотежа. Седнете да ја гледате својата омилена серија на пилатес топка. Додека гледате занесени во телевизорот, нема ни да почувствувате дека го зацврстувате телото само со седење.

3. Вежби со стапалата. Додека лежите, не мора да бидете неактивни. Петиците држете ги цврсто на каучот, а прстите на нозете подигнете ги нагоре (колку што можете повеќе). Задржете ги прстите во таа положба 5 секунди, а потоа спуштете ги колку што можете поблиску кон каучот. За почеток, повторете ја оваа лесна вежба 30 пати.

4. Станувања од стол. Седнете на работ на стол. Стапалата треба да ви се прилепени за подот и на исто растојание како рамената. Без да ги употребувате рацете, притиснете со стапалата на подот и станувајте додека ги стегате мускулите на задникот. ‘Рбетот треба да ви биде прав. Потоа, полека спуштајте се и пред да го допрете столот, повторно станете. Започнете со 20 повторувања.

5. Ножици на кауч. Легнете на грб, рацете спуштете ги покрај телото, со дланките прилепени на каучот, а нозете подигнете ги 15-20 сантиметри. Раширете ги малку нозете, а потоа додека ги приближувате, левата однесете ја над десната и прекрстете ги. Повторно раширете ги и пак прекрстете ги, но овој пат десната однесете ја над левата. Започнете со 20-25 повторувања.

6. Странични стомачни вежби на кауч. Легнете на левата страна, така што ќе ги држите нозете споени и колената свиткани. Десната дланка поставете ја зад главата, при што лакотот треба да ви биде насочен кон таванот. Со левата рака префатете си ја половината. Потоа, подигнете го десното рамо од каучот и горниот дел од телото придвижете го кон колковите. Задржете се 1-2 секунди и спуштете го рамото повторно на каучот. Направете 12 повторувања, а потоа свртете се на другата страна. Многу е важно каучот да биде тврд. Ако каучот е мек, тогаш правете ја оваа вежба на подот.

7. Марширање во место. Додека гледате ТВ, марширајте во место. Една епизода од ТВ серија трае во просек 40-45 минути. Ако секој ден марширате во место додека ја гледате омилената серија, за кратко време ќе имате доволно кондиција за да џогирате во место за време на целата епизода.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП