7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНиту ги прашува а уште помалку ги слуша бизнисот и синдикатот, владата...

Ниту ги прашува а уште помалку ги слуша бизнисот и синдикатот, владата носи мерки за кои самата одлучува!

Само доколку владината мерка за субвенции на плати даде резултат во градежниот сектор, угостителството и текстилната индустрија, во тој случај може да се размислува за зголемување на опфатот и во останатите делови од економијата. Вака властите се обидоа да ја оправдаат селективноста на мерката за ослободување од придонеси на компании кои ќе ги зголемат платите на своите вработени од три до девет илјади денари.

Бизнис секторот реагираше дека на овој начин само се зголемува револтот кај останатите компании, со образложение дека кризата не е завршена и се уште им прави проблеми во однос на ликвидноста. Синдикалците ја поздравуваат мерката, но велат дека таа од старт мора да важи за сите фирми. Во меѓувреме стопанските комори пресметаа дека во Македонија се плаќаат највисоки придонеси во однос на земјите од регионот.

За Сојузот на синдикати на Македонија е нејасно зошто владата во континуитет креира мерки за граѓаните и компаниите без тие да бидат вклучени, па макар и само со консултации. Посебен интерес синдикалците сега имаат и за мерката за стопанството и за вработените во приватниот сектор, односно мерката за субвенционирање на придонесите, но на оние компании кои платите на своите вработени ќе ги зголемат од 50 до 150 евра. Очекувањата на ССМ се дека со оваа мерка значително ќе се зголемат платите во приватниот сектор и тоа за над 10 отсто, но не само во трите сектори, градежништво, угостителство и текстил туку тоа да го направат сите работодавачи, се со цел задржување на своите вработени.

„Очекуваме како Влада, да овозможи оваа мерка да се применува во сите сектори и дејности за сите работници чија што плата е во висина до ниво на просечна месечна плата на национално ниво, а за тоа ја даваме нашата поддршка за имплементација на оваа мерка особено поради тоа што субвенициите ќе бидат за период од една година, а платите на работниците ќе останат зголемени и по истекот на истата. Со овој допис сакаме да го изразиме нашето длабоко несогласување за содржината и начинот на спроведување на постапката за донесување на Предлогот на закон за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, кој од страна на Министерството за труд и социјална политика е доставен во Собранието на Република Северна Македонија со цел влегување во собраниска процедура“, велат за Денар од ССМ.

Од Организацијата на работодавачи пак велат дека не се согласуваат со содржината и начинот на спроведување на постапката за Предлог законот за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјлано осигурување поради зголемување на платите. Работодавачите не се согласуваат со оваа мерка и велат дека владата не може да носи вакви правила без тие да бидат прашани и без тие да дадат одобрение.

„За членките на ОРМ, која е репрезентативна организација што ги застапува интересите на работодавачите и воедно е дел од Економско-социјалниот совет, предложениот Закон е од суштинско значење. За жал, ОРМ не доби ниту една покана за учество во подготовката на законот од страна на Министерството на труд и социјална политика. Од истото Министерство не беше примено никакво барање за изјаснување, а Предлогот на закон не беше ставен на седницата на Економско-социјалниот совет, што, според ЗРО и Деловникот на ЕСС, би требало да се случи пред да се пристапи кон изгласување. Социјалните партнери имаат критична улога во донесувањето на решенија преку дијалог, но процесот на разработка на предлози за закони од страна на Владата треба да биде транспарентен, со учество на сите партнери во тој процес бидејќи тоа е есенцијален елемент и суштина на социјалниот дијалог. Овој начин на донесување на закони не придонесува кон развојот на социјалниот дијалог, што беше долгогодишната постојана заложба на ОРМ за институционализација на дијалогот, во спротивност со неговото поставување во медиумски контекст.

Со овој допис, ОРМ изразува незадоволство и бара Предлогот на закон за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на платата да се повлече од Собранието“, се наведува во дописот на Организацијата на работодавачи.

Од владата пак кратко соопштија дека немаат намера да го повлечат предложеното законско решение. Тоа според нив ќе биде начин со кој се зголемуваат платите на оние вработени кои имаат плати под државниот просек. Во случај да биде добро прифатена оваа мерка, тогаш би можело да се прошири државната поддршка и во други сектори од економијата, засега ќе биде само на три.

А стопанските комори веќе објавија дека за разлика од Македонија каде работодавачите имаат обврска на исплатена нето плата по вработен, на државата да и плаќаат 54 отсто од висината на плата за здравствено и пензиско осугурување, во државите од регионот се плаќаат далеку пониски придонеси. Во случај да имаат властите слух и да го намалат тој процент, бизнисмените велат дека тие самите ќе имаат повеќе средства и без помош од државата ќе им ги зголемат платите на своите вработени. Мерката која е дел од деветтиот пакет на антикризни мерки е предвидена да започне да важи од први јануари, но само доколку помине во собранието тоа предлог законско решение. Дел од експертите веќе искоментираа дека оваа мерка може да падне на Уставен суд поради селективност.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП