3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГодини на глобален развој на соларната енергија

Години на глобален развој на соларната енергија

Минатата година беше рекордна за развој на глобалната сончева енергија. Нејзиното производство е доволно за задоволување на 57 отсто од потребите на Европската унија во 2023 година.

Инсталациите на соларни покриви ќе пораснат за 49 отсто ширум светот во 2024 година, се вели во извештајот на здружението SolarPower Europe.

Зголемувањето на покривните панели на 118 гигавати (GW) е доволно за напојување на дополнителни 36 милиони домаќинства на глобално ниво. Сончевата енергија во целина порасна за 45 отсто и достигна 1,2 теравати (TW), што овозможува производство на 1,6 TWh електрична енергија во текот на 2023 година, што е еквивалентно на 57 отсто од вкупната побарувачка на електрична енергија во ЕУ, пренесува Euronews.

Ова е десетта година по ред како се соборува годишниот рекорд за инсталирана соларна енергија. На светот му беа потребни 22 години да достигне еден TW соларен капацитет, а извештајот предвидува дека до крајот на деценијата капацитетот може да се зголемува за еден TW секоја година.

Во 2022 година, бројот на големи соларни земји, дефинирани како оние кои инсталираат најмалку еден GW годишно, се зголеми од 12 на 26. Извештајот предвидува дека до 2025 година, повеќе од 50 земји ќе инсталираат повеќе од еден GW соларна енергија годишно.

Од европските земји, 12 од нив спаѓаат во таа категорија, предводени од Шпанија, Германија, Полска, Холандија и Италија. Соларниот развој во Полска ги надмина очекувањата, пред се поради зголемувањето на бројот на мали „просумерски“ системи на покривите на куќите.

Рангирана според количината на дополнителна соларна енергија инсталирана минатата година, листата на 26 главни соларни земји е: Кина, САД, Индија, Бразил, Шпанија, Германија, Јапонија, Полска, Холандија, Австралија, Јужна Кореја, Италија, Франција, Тајван, Чиле, Данска, Турција, Грција, Јужна Африка, Австрија, Велика Британија, Мексико, Унгарија, Пакистан, Израел и Швајцарија.

Сончевата енергија е очигледен избор во енергетската транзиција, но 20 од споменатите 26 земји ги наведуваат тесните грла на мрежата како клучна пречка за нивниот соларен развој. Ограничениот капацитет на мрежата и недостатокот на флексибилност или складирање во националните системи за електрична енергија претставуваат клучен ризик за глобалната соларна транзиција.

Според извештајот на SolarPower Europe, мрежите и флексибилноста се заспаниот џин на енергетската транзиција. Затоа, владите ширум светот треба да ја подобрат својата инфраструктура за енергија и складирање за да овозможат користење на огромната количина на инсталирана сончева енергија.

Повеќе од 400 компании вклучени во европскиот сектор за соларна енергија ги повикаа креаторите на политиката кон крајот на минатиот месец да не започнуваат трговска истрага што може да доведе до тарифи на ЕУ за увезените соларни производи. SolarPower Europe, која го координираше повикот, рече дека потписници се 18 производители и 28 национални асоцијации и институти, објави Ројтерс.

Потписниците се согласија да побараат да не се применуваат тарифи за увезените фотоволтаични производи. Одделно, европското лоби на фотоволтаични производи врши притисок врз ЕУ да ја заштити домашната фотоволтаична индустрија од, како што ја нарече кинеската „нелојална конкуренција“.

Европската унија воведе ограничувања за увоз на кинески соларни панели, ќелии и панели од 2013 до 2018 година, а сега повеќе од 90 отсто од фотоволтаичните панели и другите компоненти доаѓаат од Кина. Брисел започна истрага за кинеските субвенции за електрични возила и ќе ги испита странските субвенции во секторот на енергијата на ветерот за да се осигура дека производството на чиста технологија расте во Европа и дека зависноста од Кина е намалена.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП