2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ поставува нови правила за задолжување

ЕУ поставува нови правила за задолжување

По една година интензивни и тешки преговори, министрите за финансии на Европската унија успеаа да постигнат договор на видео конференција непосредно пред Божиќ во кој многумина не веруваа.

„Ова е многу добра вест за Европа“, рече претседавачот на состанокот на министрите за финансии, шпанската министерка Надија Калвињо на прес-конференција во Мадрид. „Тоа е круна на шпанското претседателство со Советот на министри за финансии. Одлуката е донесена едногласно. Новите правила ќе бидат појасни и полесни за примена“, вети шпанската министерка за финансии.

Договорот е постигнат откако германскиот министер за финансии Кристијан Линднер и неговиот француски колега Бруно Ле Мер постигнаа договор на вечера во Париз во вторникот. Линднер, кој се залага за избалансирани буџети, повеќе ги застапуваше интересите на поштедливите земји на северот на ЕУ, додека Ле Мер се бореше за интересите на земјите од југот на ЕУ, кои бараа полабави правила за задолжување. Сега е најден компромис меѓу двете групи, објави претседателката Надија Калвињо.

Пофлексибилни и поедноставни?

Горната граница на вкупното задолжување останува на 60 отсто од економската активност на земјата. Границата за годишен нов долг останува три проценти. Сепак, брзината на неопходното намалување на долгот е прилагодена на желбите на високо задолжените земји, меѓу кои Грција, Италија и Франција. Половина од земјите на ЕУ ја надминуваат границата од 60 проценти. Германија, која е само малку над таа граница, успеа да се избори за фиксни насоки за намалување на долгот и ново задолжување, за кои секоја земја од ЕУ нема да може поединечно да преговара со Европската комисија.

Во иднина од пресметката на вкупниот долг ќе бидат исклучени одредени државни расходи за одбрана и заштита на климата, кои се финансираат со задолжување. „Инвестициите мора да бидат подобро заштитени. Не смееме да се гушиме“, повтори неколку пати францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер. Италија првично бараше „златно правило“ кое ќе ги исклучи сите инвестиции од пресметката на долгот, но тоа правило нема да се случи.

Да се сочува довербата на пазарите

Договорот меѓу министрите за финансии треба да испрати сигнал до финансиските пазари дека можат да имаат доверба во ЕУ, а особено во одговорната буџетска политика на земјите од еврозоната, изјави шпанската министерка за финансии Надија Калвино. Кога станува збор за задолжувањето, членките на ЕУ зависат од приватните финансиски пазари. Каматните стапки, а со тоа и трошоците за рефинансирање на долгот, значително се зголемија во последната година. Тие дополнителни трошоци, кои можат да претставуваат тежок товар за буџетите на земјите-членки, треба да се ублажат преку временски ограничени исклучоци во буџетските правила. Задолжените земји треба да добијат рок од четири до седум години да го намалат нивото на долгот.

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер го пофали договорот како зајакнување на пактот за стабилност. „Тие комбинираат јасни бројки за пониски дефицити и опаѓачки сооднос на долгот со стимулации за инвестиции и структурни реформи“, рече Линднер на платформата X.

Старите правила не можеа да се применат

Старите правила за задолжување од Пактот за стабилност и раст на ЕУ, кои се сметаа за премногу строги, беа суспендирани на четири години, од почетокот на пандемијата на корона. Со цел да се финансираат мерките против корона кризата и економскиот пад, многу земји од ЕУ се задолжија. Сега треба постепено да го намалуваат високото ниво на долг.

Повеќето земји од ЕУ не сакаа да се вратат на старите правила, бидејќи тие често беа прекршени, а Европската комисија не можеше да наметне и наплати евентуални казни. Новите правила предвидуваат и казни, но европскиот комесар за финансии Валдис Домбровскис изрази надеж дека никогаш нема да мора да покрене таква постапка. Сега имаме пореални насоки.

И покрај отпорот на Унгарија, министрите за финансии едногласно се согласија за фискалните правила. Сега треба да се преговара со Европскиот парламент и законот да биде усвоен до април. Тогаш буџетите на земјите членки за 2025 година ќе бидат донесени по порелаксирани правила.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП