4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрошоците за одбрана во ЕУ достигнаа нов рекорд во 2023-та

Трошоците за одбрана во ЕУ достигнаа нов рекорд во 2023-та

Трошоците за одбрана во Европската унија оваа година достигнаа рекордно високи вредности од околу 270 милијарди евра, што е за околу 30 милијарди евра повеќе отколку во 2022-ра година. Ова го изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, пред Европската агенција за одбрана (ЕАО).

Ова е деветта последователна година на раст на трошоците за одбрана на земјите од ЕУ, во време кога неколку од нив се залагаат за значително зголемување на тие трошоци поради војната на Русија во Украина.

Во 2022-ра година, шест од 27 земји-членки ги зголемија трошоците за одбрана за повеќе од 10 проценти, а во случајот со Шведска, земја која чека ратификација на членството во НАТО, дури и за повеќе од 30 проценти.

Франција, од друга страна, ги зголемила трошоците за одбрана за само 0,7 отсто во 2022-ра година, според ЕАО, специјализираната агенција за одбрана на ЕУ.

Здружено, земјите од ЕУ трошат 1,5 отсто од својот бруто-домашен производ (БДП) на одбранбениот сектор, што е многу помалку од целта од 2 отсто поставена од НАТО. Дваесет и две земји од ЕУ се исто така членки на НАТО.

Според податоците на ЕАО, за инвестиции во одбранбениот сектор биле издвоени околу 58 милијарди евра.

Со околу „60 милијарди евра годишно, можеме да правиме големи работи“, додаде Мишел во својот говор пред ЕАО во Брисел. Тој рече дека треба да се започне „единствен одбранбен пазар“ за да се избегне губење на ресурси, дуплирање во некои области на производство и да се постигнат економии од обем.

За да се постигне ова, ЕАО треба да стане „вистинско европско Министерство за одбрана“, предложи претседателот на Европскиот совет.

Според него, одбранбената индустрија во Европа исто така мора да стане повидлива.

„Со војната што беснее на нашиот континент, можеме да гарантираме долгорочни договори“ за овие производители, увери Мишел, кој рече дека пораката на 27-те е јасна: „произведувајте и ние ќе купуваме“. Што се однесува до финансирањето, Мишел го спомна започнувањето на програмата за заем за одбрана во Европа.

И покрај целиот овој раст, европската одбранбена индустрија нема доволен капацитет да ја задоволи побарувачката од Украина. ЕУ се обврза да испорача 1 милион гранати на Украина до март следната година, но оваа амбициозна цел веќе изгледа недостижна.

„Нашите вооружени сили мора да бидат подготвени да ги исполнат барањата на новата ера“, рече шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, цитиран во соопштението за печатот на ЕАО.

Сепак, ЕУ покажува „сериозни недостатоци“ во однос на одбранбените способности и „продолжуваме да заостануваме зад другите играчи“ во оваа област, призна Борел. На пример, Русија планира да ги зголеми своите воени трошоци за 67 отсто во 2024-та година на околу 30 отсто од нејзиниот БДП.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП