2 мај, 2024
ПочетнаКАРИЕРАЕм хоби, ем бизнис – матурантката Тамара Блажевска веќе знае што сака...

Ем хоби, ем бизнис – матурантката Тамара Блажевска веќе знае што сака да биде кога ќе порасне

Какво е чувството кога една девојка ќе го добие епитетот „најталентирана и најуспешна млада тату-артистка во Македонија“? Како е да се тетовираат луѓе во импровизирано тату-студио? Колку чини мала тетоважа, а колку чини цела сеанса од 8 часа? Колку пари месечно може да се заработи од тетовирање? Дали тетоважата е сè уште табу-тема во Македонија?

Сите овие прашања ѝ ги поставивме на 18-годишната Тамара Блажевска од скопската населба Тафталиџе, која буквално „пали и гаси“ кога станува збор за тетовирање.

Како што раскажува, развојот на кариерата започнал со тоа што долго време цртала секаков вид тетоважи на кора од портокал, но потоа, откако се навежбала, како што вели, почнала да ги шара телата на своите најблиски роднини и пријатели, за на крај конечно да се опушти и да прави ремек-дела на кожата на непознати клиенти.

„Прво, започнав со цртање и со продавање уметнички слики уште на моја 14-годишна возраст, а тогаш ги добив и првите нарачки кои ми беа огромна мотивација да продолжам кон патот на ликовната уметност. Имав шанса да учествувам на неколку изложби каде што се промовирав како уметник. Љубовта кон тетоважите била отсекогаш во мене, но со текот на времето сè повеќе и повеќе разгоруваше. Бев љубопитна за тоа какви сѐ стилови постојат, а уште повеќе ме интересираше самиот процес. На мои 16 години започнав да се интересирам да научам како произлегуваат тие уметенички дела на кожа. Најблагодарна сум на еден прекрасен тату-уметник, кој несебично го сподели неговото искуство со мене и ме научи на овој занает – Милан Србиноски.

Возбудата и среќата која ја почувствував кога ја купив мојата машинка е неопислива. Пред да започнам да тетовирам на луѓе, првата жртва беше портокалот, чија кора не е иста како човечката кожа, но е добар старт. Подоцна, на 17 години портокалот се замени со луѓе. Многу ми значат првите клиенти кои буквално ми донираа кожа за учење па заедно ја делевме таа почетничка возбуда“, раскажува Тамара.

Таа вели дека цената на тетоважата зависи од многу фактори.

„Цената зависи од големината, местото на кое се прави, како и од самата комплексност на дизајнот. За месечната заработка сè уште не можам да разговарам, јас сум ученичка во средно образование, оваа година матурантка, и главна преокупација ми е училиштето. Ова го работам од љубов, има многу тетоважи кои сум ги подарила искрено од срце на мои блиски роднини и пријатели. Мојот бенефит е самото тоа што луѓето ми дозволуваат да правам нешто на нивната кожа, а тоа нешто им останува за цел живот. Оваа професија си носи секојдневни предизвици со самото тоа што вклучува работа со луѓе, затоа и толку ја сакам. Секој човек си е различен карактер и различна приказна и секогаш сакам клиентите да се отворени за соработка“, вели нашата соговорничка.

Тамара сè уште нема свое тату-студио, но сигурна е дека еден ден ќе ѝ се исполни и тој сон.

„Во однос на тоа дека сè уште работам од дома, немам некои тешкотии бидејќи во текот на 1 година тетовирање се стекнува искуство кое ме научило како да си ја работам работата. Иако сум дома, гледам да сум доволно професионална, а во исто време до некој степен се поставувам другарски кон клиентите бидејќи е најубаво кога и двајцата сме опуштени за оној психички дел од процесот на тетовирањето. Сакам клиентите да се слободни со мене со цел самиот процес да им остане во убаво сеќавање. Од една клиентка добив коментар дека се чувствувала многу поубаво во home studio отколку да се тетовира на место каде што има повеќе луѓе околу неа. За време на тетовирањето, хигиената, која е многу важен дел од процесот, ја одржувам на највисоко ниво, сè е дезинфицирано и обвиткано со фолија. Сакам клиентот да е свесен дека е во сигурни раце“, објаснува Блажевска.
Во поглед на инспирацијта, таа вели дека сè околу неа што ја опкружува всушност преставува одлична инспирација да се биде успешен во тоа што човек го работи.

„Инспирација црпам од сè околу мене. Јас сум доста чувствителна личност па моите чувства сакам да ги пресликам преку уметноста. Секогаш деталите во работите околу мене ми се најатрактивни, затоа и кога цртам сакам моите слики и дизајни да се основаат на детали. Тие се нештата кои ми помагаат да се релаксирам во текот на цртањето/тетовирањето. Многумина до сега ме распознавале по змиите, тоа е за мене најуникатното животно. Може да се нацрта во многу различни форми, а самата шара и текстура на површината на телото дава посебна слика. Инспирација секогаш ми се и други артисти, секое уметничко дело содржи во себе дел од уметникот кој стои зад него, без разлика дали е на платно или на кожа. Во Македонија има прекрасни тату уметници од кои може многу да се научи. Мојот план е да продолжам да се усовршувам во тату-светот, а и во ликовната уметнот. Планирам понатамошното мое академско образование да се движи во тој правец. Секако, сакам да отворам свое тату-студио. Мојот сон е да зачекорам по патот на светската тату-култура. Оваа индурстрија е многу убава со уметничка слобода која нема граници“, раскажува Блажевска.

Но, дали е тетоважата сè уште табу-тема во Македонија?

„Според мене, тетовирањето во овој момент не може да се карактеризира целосно како табу тема, последниве години станува на некој начин модерно да се биде тетовиран. Ја имав таа среќа да влезам во оваа индустрија токму во овој период кога тетоважите се секојдневие. А интересот кон нив не е само од помладата популација, туку е доста распространет и кај постарите. Самата уметност си ги поместува своите рамки па така и цртањето на кожа заедно со неа. Ако разговараме за тату сцената во Македонија, таа постојано расте и се проширува, што мене ме радува“, вели Тамара.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП