21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКолку е далеку Европа за македонската економија?!

Колку е далеку Европа за македонската економија?!

Македонското стопанство е далеку од развиените европски економии. Тоа е факт, а последна потврда за тоа даде и најновиот извештај на Европската комисија за земјава. Тоа што го алармираа претходно и стопанствениците преку официјални податоци, го истакнаа и административните службеници на Европската унија од каде сметаат дека македонската економија не бележи напредок во однос на ланската година. Недостасуваат реформски закони и правила со кои ќе се доближиме кон унијата не само на политички, туку и на економски план. Бизнисмените веќе соопштија дека минимален е бројот на компании кои може да бидат конкурентни на европскиот пазар. За тоа се потребни нови технологии, иновации и инвестиции во повеќе сегменти.

Македонската економија доби „добар 3“ од Европската комисија за реформите и напредокот во 2022. Терминологијата е дека на економски план сме биле помеѓу умерено и добро ниво на напредок. Но, тоа не е доволно за да застанеме рамо до рамо со европските економии каде што тежнееме како општество. Експертите сметаат дека причина за ваквата ниска оценка во однос на напредокот на државата на економски план е неносењето на реформски закони кои барем на хартија треба да го доближат македонското стопанство со европското.

„Ќе биде важно како напредуваме и како ги исполнуваме обврските не само кон ЕУ, туку и обврските коишто ги имаме преземено во однос на интеграција со пазарите од регионот. Што се однесува на овој кластер увидовме дека веројатно клучната порака е дека нема промена во однос на деветте поглавја. Имаме позитивно придвижување во поглавјето слободно движење на стоките што е забележан напредок за разлика од претходните години. Меѓутоа од друга страна е загрижувачки тоа што поглавјето слободно движење на работници е сѐ уште во рана фаза и таму се очекува либерализаицја на пазарот на трудот. Тоа ги вклучува и граѓаните на ЕУ“, велат од Институт за европска политика.

Уште утре да влеземе во Европската унија, домашните компании нема да бидат конкурентни на европскиот пазар, истакнаа од Стопанската комора. Бизнис заедницата побара поддршка од Владата со цел да се развие стопанството кое преку бизнисот ќе одговори на европсите предизвици и приближување кон унијата. Потребни се регулативи, инвестиции и многу посветеност во преиодот што следи доколку навистина се сака државата да има европска економија, велат од бизнис секторот.

„Како Комора, врз база на барањето на ЕК, за креирање на дополнителни мерки и фондови за земјите од западен балкан, доставивме преку Секретаријатот за европски прашања и Коморскиот инвестициски форум барања до Европската комисија и ДГ НЕАР, барања за реализирање на одредени суштински предуслуви за да може да се олесни но и финасиски поддржи процесот на прилагодување на македонските компании. Во тек е скрининг процесот кој е исто толку важен како и целиот тек на преговори бидејќи во рамки на претставувањето на државните институции што е досега сработено се дефинираат и рокови за она што треба да следи и да се реализира. Процесот на интеграција подразбира усогласување на економските системи, политики и регулативи со оние од Европската унија. Во рамки на тоа усогласување, од шестте кластери дефинирани во преговарачката рамка пет се однесуваат на бизнисот и директна имлементација од страна на компаниите“

Од Владата пак, сметаат дека чекор по чекор ги реализираат реформите и дека постигнуваат резултати како на политички, така и на економски план во однос на напредокот на државата и приближувањето на државата кон ЕУ.

„Во изминативе две години издадовме 658 лиценци за производство на обновливи извори на енергија, околу 600 мгв соларна и енергија од биогас произведуваат веќе енергија и во споредба со потрошувачката тоа е енергија која што се произведува од обновливи извори која што може да задоволи потреби на многу домаќинства во земјата. Исто така работиме на стратешки проекти заедно со нашите соседни земји особено со Грција.

“И ќе започнеме до крајот на годината со проект менаџментот и спроведувањето на проектот за новиот гасовод кој што ќе дозволи на С.Македонија да се приклучи на транс-атланскиот гасовод. Новиот план за раст како што е претставен ќе има позитивно влијание дефинитивно. Во неколку различни сегменти. Ќе ги зголеми реформите, затоа што дополнителните средства ќе бидат поврзани со реформите кои што ги прават земјите кандидати. Ќе ја зголеми регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан бидејќи средства ќе бидат достапни по приклучувањето на регионалните проекти во делот на инфраструктурата, енергетиката, транспорот итн. Ќе ја зголеми соработката со ЕУ, затоа што ќе ја отвори можноста за одредени индустрии да се приклучат на заедничкиот европски пазар со што ќе се зголеми економијата на обем“, велат од владата.

Европската комисија до крајот на годинава треба да усвои план за раст на економиите на Западен балкан преку кој Европската унија ќе ги поддржи државите со шест милијарди евра. Две милијарди се неповратни средства, а четири се кредити. Колку пари ќе добие една држава зависи од реформите кои ги реализира, а ги бара официјален Брисел.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП