Транзицијата кон електричен погон секако ја менува глобалната автомобилска индустрија. Речиси сè за автомобилите се менува, од концептот за тоа што се тие и како производителите ги дизајнираат и развиваат, до начинот на кој клиентите ги користат и комуницираат со возилата.
Некои земји и производители се поподготвени за оваа промена од другите, а истото може да се каже и за одделни сегменти на возила, коментира Фелипе Муњоз, аналитичар во „JATO Dynamics“. Додека SUV и премиум автомобилите генерално се поприлагодливи на новите погонски единици, другите сегменти, како што се субкомпактните автомобили, се соочуваат со огромни предизвици.
Сѐ е прашање на цена
И покрај напорите на производителите, батериите сè уште се значаен фактор во производствените трошоци на електричните возила. И таа цена навистина не се менува без разлика дали се работи за луксузно возило од висока класа или за мал градски автомобил.
Затоа европските и американските производители на автомобили почнаа да ги зголемуваат своите електрични портфолија со луксузни и премиум автомобили. Нивните купувачи веќе се подготвени да платат повисока цена, но потрошувачите кои бараат прифатливи субкомпактни и градски автомобили не се на исто мислење. Затоа сега има многу помалку мали ЕВ за избор.
Иднината е обвиткана во магла
Во првата половина на 2023-та година, во Европа беа достапни само 18 различни мали електрични автомобили од сегментите „А“ и „Б“. Во Кина, пак, нивниот број е речиси двојно поголем – 34, додека во САД се достапни само два такви модели – „Chevrolet Bolt EV“ и „Mini Electric“. Овие бројки се во контраст со големата количина на мали автомобили со мотори со внатрешно согорување на располагање на купувачите.
Тоа значи дека пред малите автомобили има два патишта. Од една страна, некои од оние произведени во Европа ќе преживеат во зависност од тоа дали производителите ќе успеат да ги намалат трошоците за батериите. Европа е регион каде производството на автомобили е многу скапо, така што секое зголемување на трошоците ќе продолжи да штети на финансиската исплатливост на помалку профитабилните сегменти. Покрај тоа, силниот притисок што го вршат владите во корист на електричните возила веќе ги принудува производителите да го запрат производството на мали автомобили или да го преселат надвор од Европа.
Од друга страна, како што се зголемува овој притисок врз европските производители, станува совршена можност за кинеската индустрија да ја пополни оваа празнина. Кина всушност може да произведува поевтини електрични автомобили благодарение на силната владина посветеност и поконкурентната работна сила. Кинески субкомпактен автомобил чини во просек 58% помалку од не-кинеските субкомпактни автомобили, што значи дека има потенцијал да ги размрда пазарите во странство.
Малите автомобили во Европа изгледаат осудени на пропаст
Градските автомобили и малите автомобили од европско производство, барем засега изгледаат осудени на пропаст. Единственото нешто што може да ги спаси е намалувањето на трошоците за производство за да се ограничи приливот на кинески автомобили во регионот.
Сепак, ова ќе постави уште едно прашање – дали американските или европските компании се воопшто заинтересирани за производство на мали автомобили, кои обично не се толку профитабилни како поголемите сегменти? И дали истите тие производители можат целосно да го напуштат сегментот, оставајќи им го на Кинезите? Постои и друга можност – некои западни марки веќе инвестираат во фабрики и во производство на автомобили во Кина, како за локалниот пазар, така и за странство.
Потрошувачите продолжуваат да купуваат
Без разлика, луѓето ширум светот продолжуваат да купуваат мали автомобили. Возилата од „А“ и „Б“ сегментот учествуваат со 23% од продажбата на патнички автомобили во Европа во 2022-ра година, 51% во Индија, 28% во Југоисточна Азија и Пацификот и 38% во Африка. Како резултат на тоа, тие сѐ уште се важен сегмент во однос на обемот. И сега на ред е Западот, кој мора да одлучи дали ќе им попушти на кинеските производители и ќе им даде сегмент каде профитот е многу помал или ќе го задржи, иако може да има загуба од него.