Пчеларството во Македонија се соочува со сериозни предизвици поради неповолната клима, но и поради нечесната конкуренција. Производството на мед оваа година ќе биде значително намалено, па со самото тоа граѓаните ризикуваат да купат лажен мед.
Според пчеларите, причината за тоа е долгата суша и високите температури кои ја погодија земјава посебно за време на вториот медобер. Во некои региони, пчелните семејства не успеале да произведат никаков мед, а во други приносите биле минимални.
„До лани, од едно пчелно семејство добивав околу 13-15 килограми мед, а годинава само 5 килограми. Тоа е драматична разлика која ја оштетува нашата работа“, ни изјави Димитар Димишкоски, пчелар од Прилеп.
Пчеларите бараат од државата да им помогне со преселување на пчелните кошници во повисоките предели каде што има повеќе цветови и полен.
Тие исто така бараат построга контрола и казни за оние коишто продаваат фалсификуван мед.
„Има луѓе кои мешаат мед со шербет или со други додатоци и го продаваат како природен. Таквите лажни производи не само што нè ставаат во неправедна позиција, туку и го загрозуваат здравјето на потрошувачите“, додава Димишкоски.
Тој вели дека оваа година ќе има околу 50% помалку мед од просечното годишно производство.
„Пчелите се одговорни за опрашувањето на повеќе од 70% од храната која ја консумираме. Без нив, би имале сериозни последици за храната, водата и за околината“, вели нашиот соговорник.
Пчеларите апелираат до владата да ги зголеми субвенциите и кредитите за пчеларите, како и да ги подобри законските рамки за заштита на пчеларството. Тие исто така бараат од потрошувачите да бидат внимателни при купувањето на мед и секогаш да го проверат неговото потекло и квалитет.
„Медот е еден од најздравите и најлековитите природни производи. Ние како пчелари се трудиме да ја негуваме оваа гранка. Но, за тоа ни треба и вашата поддршка и разбирање“, заклучува Димишкоски.
Б.З.М.