Руско-македонската фармацевтска компанија Продис, членка на руската „Протек Груп“, почна да ги извезува своите производи на украинскиот пазар. Вредноста на првиот извоз во Украина изнесува околу 70.000 евра.
– На потрошувачите во Украина им е достапен целокупниот асортиман на органски и конвенционални „Данкад“ житарки и асортиманот на органски и конвенционални „Максан“ чаеви, велат од Продис.
Компанијата во Украина отвори и свое преставништво и магацински простор.
Продис својот капацитет го отвори лани на крајот на октомври во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 во Бунарџик. Во објектот од 5.000 метри квадратни првично се вложени 3,8 милиони евра и вработени 45 лица.
Предвиден за изградба е дополнителен производствен објект од 4.000 метри квадратни и нови вработувања со што до 2015 година вкупната инвестиција треба да достигне до пет милиони евра.
Во фабриката се произведуваат конвенционални и органски производи: чаеви, корнфлекс и мусли, витаминско-минерални препарати, хомеопатски лекови и хомеопатска козметика.