8 мај, 2024
ПочетнаСВЕТКаква е моменталната ситуација во Газа?

Каква е моменталната ситуација во Газа?

Цивилите во Појасот Газа плаќаат висока цена за терористичкиот напад на Хамас врз Израел. Стотици илјади луѓе бегаат од израелската одмазда. Каква е моменталната ситуација во Газа?

Никаде во Газа нема заштита, вели Мона Сабах. Таа се наоѓа во градот Газа. Од минатата сабота, оваа 29-годишна жена поголемиот дел од времето го поминува во подрумот на својата станбена зграда, со децата, сопругот и соседите. Синоќа нон-стоп бомбардираа, особено во Римал (населба во Газа). Се прашуваме која е следната цел на бомбардирањето? Ќе ја преживееме ли следната ноќ? Дали ќе ја видиме зората на нов ден?”

Ова е петти вооружен конфликт меѓу Израел, Хамас и другите милитантни палестински групи. Но, овој пат се е поинаку. Во раните утрински часови во саботата, Хамас, терористичката организација која владее со Појасот Газа, истрела ракети врз израелските села и градови. После тоа, стотици вооружени Палестинци ја пробија безбедносната ограда и упаднаа во израелските населби лоцирани околу оградениот Појас Газа – каде што почнаа да убиваат луѓе и да киднапираат многумина.

Тогаш израелската влада прогласи воена состојба. Израел оттогаш ја бомбардира изолираната крајбрежна област. Во исто време, израелските градови и општини се под постојан ракетен истрел од Газа од страна на милитантни палестински групи.

Појасот Газа е релативно мала област каде живеат околу 2,3 милиони луѓе и која е практично отсечена од Израел и делумно од Египет повеќе од 16 години. Исламистичкиот Хамас ја презеде контролата врз Појасот Газа во 2007 година по изборната победа и конфликтот со борците на Фатах. Оваа нова војна предизвикува страв кај многу луѓе во Газа. Во меѓувреме, Израел повика на масовна евакуација на северот на Газа, нешто повеќе од еден милион луѓе беа погодени.

„Нема струја, има малку вода“

„Ако сакаат нешто, нека го решат со Хамас. Тие нè удираат нас, а не Хамас“, вели Сабах. „Плачев цела ноќ, сите викавме и плачевме. Неверојатно е ова да ни се повторува повторно. Ние сме цивили, ништо не направивме, само сакаме ова конечно да заврши. Нема струја, нема интернет, малку вода. Па зарем не е доволно што живееме под блокада веќе 15, 16 години? Што е следно?”

Според палестинското Министерство за здравство, повеќе од 1.300 Палестинци се убиени во Газа од почетокот на војната, а повеќе од 6.000 луѓе се ранети. Израелските медиуми јавуваат дека во Израел биле пронајдени телата на околу 1.500 палестински терористи кои минатиот викенд ја преминале границата.

Досега во Израел се регистрирани 1.200 жртви, а повеќе од 3.100 луѓе се повредени. Повеќето од жртвите беа убиени во терористичките напади во саботата. Од 100 до 150 луѓе, меѓу кои и деца, постари и странски државјани, беа киднапирани и однесени во Газа како заложници.

„Целосна блокада“

Во понеделникот, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант најави „целосна блокада, запирање на снабдувањето со електрична енергија, храна и бензин од Израел до оградената област“. Храната и горивото инаку беа префрлени во Газа под строго контролирани услови преку израелскиот граничен премин Керем Шалом. Најавено е дека водата за пиење, која палестинската управа ја купила во Израел, повеќе нема да се испорачува во Газа. Египет го затвори единствениот граничен премин на југот на Појасот Газа поради израелските воздушни напади.

Израелските организации за човекови права како Гиша, кои се залагаат за слободата на движење на Палестинците, ги критикуваат одмаздничките мерки на Израел како колективна казна и „тотално непочитување на цивилното население“.

Во средата единствената електрана во Газа остана без гориво. Продолжените прекини на струја во Газа не се ништо ново, тие се секојдневна појава, но сегашниот сеопфатен прекин на електричната енергија силно ја погодува оваа релативно мала област со нешто повеќе од два милиони жители. „Нема струја, а нема повеќе гориво за генераторите“, известува новинар од Газа, кој го полни мобилниот телефон со помош на мала соларна направа.

Мрачни прогнози на Црвениот крст

Затоа, чувството на изолација се зголемува уште повеќе, особено во сегашната ситуација кога сите бараат што е можно побезбедно засолниште од воздушни напади и кога мобилниот телефон е единствениот начин да се одржува контакт со членовите на семејството и пријателите. Но, погодени се и болниците и и онака хронично слабиот здравствен систем, поради зголемувањето на бројот на повредени, всушност му се заканува целосен колапс. Меѓународниот комитет на Црвениот крст предупреди дека болниците може да почнат да се претвораат во мртовечници.

Едноставно не можам повеќе“, вели Раед Ел Атамна во телефонски разговор за ДВ. Како семеен човек со години работел како возач на странски новинари. Веќе во саботата, тој и неговото семејство мораа да побегнат од Беит Ханун, град во северниот дел на Појасот Газа, на границата со Израел.

Сега неговото семејство е во привремено сместување, во училиште на организација на ОН која им помага на палестинските бегалци. Тие се наоѓаат во Џебалија, бегалски камп и населба во градот Газа. „Ние го имаме само она што го носевме во саботата. Од тогаш не сме се ни туширале. Не спиеме, слушаме детонации насекаде околу нас“, вели Ел Атамна. Неговата судбина ја делат многу други луѓе кои се во бегство – внатре во Појасот Газа. Немаат многу опции на располагање. Границите кон Израел и Египет се затворени, а нема места во бункери или засолништа.

Во потрага по заштита

Според Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарна помош (OCHA), од минатата сабота, околу 340.000 луѓе морале да ги напуштат своите домови, главно од пограничните градови во северниот и источниот дел на Појасот Газа. Околу две третини од нив бараат заштита во училиштата на организацијата на ОН за помош на палестинските бегалци, УНРВА. А други бараат заштита од своите роднини малку подалеку западно од Газа – но израелските воздухопловни сили бомбардираат цели и таму, исто како израелската морнарица од морската страна.

Многу луѓе во Газа се во страв и трауматизирани од минатите војни. „Тоа е кошмар кој се повторува“, вели Ел Атамна. Тој остана без покрив над главата за време на војната 2008-2009 година.

„Ние и овде не се чувствуваме безбедни, кој знае што друго ќе се случи“, ни вели Атамна, додавајќи дека сегашните израелски воздушни напади се поинтензивни и пожестоки од сите претходни што ги доживеал. Стравувањата на жителите на Газа се оправдани: израелскиот премиер предупреди дека „Хамас направи грешка од историски размери“ – и додаде дека цената за тоа „ќе остане во меморијата со децении“. Очекувано, наскоро ќе следи копнена офанзива, односно влегување на израелската армија во Појасот Газа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП