4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА32 години падни – стани на македонската економија

32 години падни – стани на македонската економија

Македонската економија продолжува да чекори по трнливиот пат веќе 32  години. На денот на независноста Денар подготви сублимат од најзначајните случувања во земјава на економски план.

Повеќе падови, потреси и кризи, отколку успеси и победи можат да се потенцираат за изминативе нешто повеќе од три децении монетарна независност. Ембарго, изолација, сомнителна приватизација, недомаќинско и незаконско трошење на народните пари се само дел од случаите кои нанесоа вистински потреси врз кревката економија на државата.

Наспроти негативните обележја, вредни за спомнување се воведувањето на сопствена валута – денар, потпишувањето на договори и членства во неколку меѓународни економски и трговски здруженија и организации. Но, најголемиот проблем на граѓаните на Македонија и натаму претставува нискиот животен стандарт и условите во кои живее населението токму поради погрешните економски политики кои се одлика на речиси секоја влада од 1991-ва па се до денес.

По не цела година од осамостојувањето, независна Македонија доби стабилна валута со фиксен курс. Денарот стана македонска валута на 26ти април 1992 година. Првиот шок на македонската економија се случи две години подоцна, односно во февруари 1994-та година. Грција воведе целосно трговско ембарго кон Македонија, причината беше македонското знаме со 16 кракото сонце. Претходните две години поради истите причини Грција носеше одлука периодично да ја затвора границата со Македонија. Еден од поголемите скандали во деведесетите секако мора да се напомене дека е финансискиот дебакл со штедилницата ТАТ, следуваа скандалите со Експорт Импорт, Алмако, Радо Банка. Во раните 90-ти започна приватизацијата во Македонија. Во тој период се донесоа три закони за трансформација на претпријатија со општествен капитал. Кон крајот на минатиот век македонската економија полека започна да закрепнува, но потоа се случи војната во Косово како и домашниот воен конфликт во 2001 па повторно земјава доби удар на економски план.

Згора на се во тој период зачестија и протестите по улиците и пред владата од страна на „армијата стечајци“ кои ги изгубија работните места од приватизацијата на државните компании во приватна сопственост. Невработеноста уште од осамостојувањето беше и е еден од најголемите проблеми на македонската економија. Ако 2004-та стапката на невработени изнесуваше 37 отсто, 2012 се спушти на 30 отсто веќе 2017 година таа се намали на 19 отсто. Во тој период актуелен беше проектот Скопје 2014 за чија изгфрадба се потрошија близу една милијарда евра народни пари на непродуктивни трошоци. Исто така странските директни инвесетиции оставија белег во претходната декада. Македонските власти земјава ја промовираа како добра бизнис дестинација во која има вреден народ кој не бара многу пари за неговиот ангажман. Државата плус им обезбеди и серија на бенефиции кои ги уживаа странските бизнисмени. Вредно е да се напомене и поддршката за земјоделците кои ја добиваат од државата во вид на субвенции, но тоа не ја намали зависноста од увоз на храна. Стотици милиони евра се делат секоја година, а реално позначаен ефект од тоа нема, туку само купување на социјален мир.

Во последниве неколку години земјава, а воедно и светот се зафатени од неколку годишни кризи. Почнувајќи од пандемијата која го парализираше не само стопанството туку и целата држава. Потоа следуваше енергетската криза која практично ја предизвика и ценовната криза која што се уште е актуелна и е главна преокупација на граѓаните. Во периодот што следи надлежните очекуваат состојбата да се стабилизира и конечно граѓаните да почуствуваат подобар живот и подобри услови за живеење.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП