2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтандардот на граѓаните ја губи битката со новиот ценовен шок

Стандардот на граѓаните ја губи битката со новиот ценовен шок

Граѓаните не паметат кога во летните месеци од годината овошјето и зеленчукот се продавале по толку високи цени. Месото и сирењето веќе оддамна се луксуз на трпезата, а пекарите подготвуваат терен за ново зголемување на цената на лебот и печивата. Дополнително, власта преку законски измени ќе поскапи околу 1000 прехранбени производи, на тој начин што ќе им го зголеми ДДВ-то.


Листата на производи кои ќе влезат во категоријата луксузни засега владата не ја дава на јавноста. Поскапувањето на прехранбените производи засега не се доволна причина од Илинденска број два да излезат со нови мерки за помош на граѓаните и стопанството. 

Во маркетите веќе може да се забележат поскапите сирења, кашкавали, месо и сувомеснати производи. За овие производи граѓаните имаат најмногу реакции последниве неколку недели. Она што загрижува се најавите дека овој тренд на поскапување ќе продолжи и во периодот што следи. По најавите дека поради војната во Украина и зголемените цени на пченицата на светските берзи од идниот месец можно е и зголемување на цената на лебот, од вчера овие шпекулации омекнаа, но не и за цените на печивата.

„Од крајот на јули, по излегување на Русија од Договорот за извоз на украинско жито, цените на берзите се зголемија за 10 до 15%. Исто така и покачувањето на млечните и месни производи има удел, затоа што и овие продукти партиципираат во пекарската индустрија. Внимателно се следи ситуацијата и секој производител утврдува дали ќе ги покачи цените или ќе продава по исти цени“, велат од Агро бизнис комората при ССК.

Вчера министерот за финансии Фатмир Бесими јасно им даде до знаење на претставниците на пекарската индустрија дека нема простор за зголемување на цените на лебот и печивата.

„Ги прочитав сите најави од мелничката индустрија. Дали откупната цена на пченицата е повисока во однос на минатата година? Не. Дали електричната енергија е поскапа? Не. Што во меѓувреме се случило за да најават поскапување на лебот? Во постојана комуникација сум со двајцата министри, за економија и за земјоделство, како и со премиерот. Ние сме отворени да разговараме за која било тема, но најавите за поскапувањата само влијаат врз очекувањата на пазарот и дополнително ги оптоваруваат и загреваат очекувањата за цените. Ќе се разговара со нив и ќе излеземе во пресрет на секоја ситуација во однос на овие ситуации што може да влијаат од аспект на ценовната криза.“

Бесими информираше дека во последниве неколку години од кога започна пандемијата па до денес, за справување со најнапред здравствено економската криза, потоа со енергетската и сега со инфлаторната криза владата излегла со мерки за граѓаните и фирмите вредни две милијареди евра. Засега тој смета дека е рано да се воведат нови мерки, а дека во владата не се подготвува нов пакет на антикризни мерки потврда добивме и од министерството за економија од каде ни соопштија колку се посветени на работата и како помагале во минатите години. Дали ќе има нови мерки и кои категории на граѓани и фирми ќе ги тангираат засега е непознато.

„Ценовниот раст може да произлезе од фактори на страната на понудата, односно од порастот на увозните цени, влошувањето на глобалните синџири на снабдување на пазарот, растот на цените на берзите на суровините како што се житата, брашното, зеленчукот, суровото масло, месото, млекото, сирењето кои се потребни за производството, како и цените на горивата и електричната енергија. Сите овие наведени фактори се клучни компоненти во кои имаат директен одраз врз крајните цени на прехранбените производи. “

Според овифиланите информации за годинава владата има предвидено околу 250 милиони евра за мерки за граѓаните и компаниите. И додека граѓаните по секое пазарување се чудат на износот кој го плаќаат на касите, од владата се уште не ја објавуваат листата на прехранбени производи на кои од следниот месец ќе им се зголеми ДДВ-то. Тоа значи дека тие производи ќе поскапат бидејќи власта ги смета за луксуз. Информациите велат дека најголемиот дел од нив  се производи кои граѓаните редовно ги купувале.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП