8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓаните кои ја градеа оваа држава сега од улица бараат достоинствен живот!

Граѓаните кои ја градеа оваа држава сега од улица бараат достоинствен живот!

Колкави пензии ќе добиваат пензионерите во периодот што следи е една од најактуелните теми во последниве две недели. Пензионерите со протести во повеќе градови бараат зголемување на своите пензии за 3500 денари. Од владата велат дека во ПИОМ нема толку пари. Експертите се на став дека треба внимателно со процентот на зголемување, да не се оштети фондот а да се задржи животниот стандард на пензионерите. Доколку нема реализација на барањата на пензионерите, тие најавуваат масовен протест на 20ти септември.

По серија протести на пензионерите и ненаоѓањето на заеднички јазик со властите, лицата од третата доба од животот немаат намера да се откажат од своите намери. Доколку не се исполнат нивните барања меѓу кои главното е да им се зголемат пензиите за 3500 денари на 20ти септември најавуваат дека ќе организираат масовен протест во Скопје. Според информациите датумот не е случајно избран, туку тоа е Денот на пензионерите.

Од Finance Think подготвија истражување во кое се наведува дека повремените зголемувања на пензиите надвор од законското усогласување, посебно кога тие беа големи и посебно во предизборни и изборни години, доведоа до значајно продлабочување на дефицитот на ФПИОСМ. Според Институтот во услови на зголемени трошоци за живот, од особена важност е животниот стандард на граѓаните да се задржи. Додаваат дека во сегментот на социјалната заштита, односно социјалните надоместоци и пензиите, клучно е нивното усогласување да биде со порастот на трошоците на живот.  Моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени.

„Зголемувањата на пензиите, особено зголемувањата надвор од предвиденото законско усогласување со порастот на трошоците на живот и просечната плата, е неопходно да се гледаат низ призма на макро-стабилноста на пензиските финансии, односно дали Фондот за пензиско и инвалидско осигурување може стабилно и без ликвидносни проблеми да ги исплаќа преземените обврски кон пензионерите сега и во иднина. Дефицитот на ФПИОСМ е делот кој Фондот не може да го покрие од изворни приходи – придонеси на плати, поради што дополнување прави централниот буџет. Уделот на буџетските во вкупните приходи на ФПИОСМ забележа драматичен раст кој достигна кулминација во 2017 година и изнедуваше 43.6%. Тоа означува дека скоро половина од пензиските исплати се вршеа од општиот буџет на државата, односно се на товар на општото оданочување, што имплицира дека голем дел од расходите за пензии ги покриваат плаќачите на даноци од кои дел во иднина можеби и нема да бидат под капата на ФПИОСМ затоа што не се во осигуран работен однос“, стои во анализата на Finance Think.

Народски кажано –  кој колку сработел толку и пензија ќе добива, ваква порака на некој начин од Владата им упатија на пензионерите кои бараат линеарно зголемување на пензиите за 3500 денари. Пресметките велат дека за толкаво зголемување се потребни плус 200 милиони евра, а тие пари во моментов државата ги нема.

„Пензијата е резултат на годините стаж кој ги имал секој поединец и висината на уплатата која правел и тоа е уставна категорија. Фондот за пензиско осигурување е фонд на осигурениците, а државата дотира од изворните приходи на Буџетот за да може тој да функционира непречено. Доколку се реализира барањето за линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари тоа би значело дополнителен годишен трошок на Фондот од 220 милиони евра. Фондот нема да го издржи тоа.“

Здруженијата на пензионери не отстапуваат од своите барања. Бараат зголемување на сите пензии од 3500 денари. Енормното зголемување на трошоците за живот им го направија животот потежок на 170 илјади пензионери кои месечно добиваат пензии од 12 до 15 илјади денари.

„Сојузот на здруженија на пензионери го поддржува барањето за покачување на висината на минималната пензија и подготви предлог кој ќе биде доставен до Министерството за труд и социјалани работи“, велат од Сојузот на  здртуженијата на пензионери

Пензионерите имаат стапка на сиромаштија од 7%, што е значајно пониска од вкупната стапка на сиромаштија од 21.8%, и уште пониска споредено со други општествени групи, како децата (30.3%), самохраните родители (41.6%) и многудетните семејства (45.6%). Лицата над 65 години кои живеат како самци имаат стапка на сиромаштија од само 4.1%.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП