И одењето на плажа и капењето во море си бара доза внимателност, оти во спротивно, ризикувате да си го расипете одморот, или уште полошо – да бидете приморани предвреме да го завршите заслуженото време за уживање.
Пред да влезете во водата треба да бидете свесни дека внатре – во плиткото или во длабокото – живее посебен воден свет, а средбата со некои единки може да ви создаде болка до срцето.
Денар малку истражуваше за тоа кои опасности најчесто ги демнат македонските туристи кои летата ги минуваат на море во Грција, Албанија, Црна Гора, Бугарија, Хрватска…
Во продолжение прочитајте ги советите, но и искуствата на „жртвите“, кои имале искуство со отровна медуза, кои нагазиле морски еж или ги погодила отровната стрела на рибата-змеј.
Медуза
Некои медузи се помалку, а некои повеќе отровни, а тоа што ги прави посебни е фактот дека се бесмртни (освен ако не доживеат несреќа).
Отровот од пипците кај човекот предизвикува болка слична на изгореница, проследена со црвенило на кожата, оток, па и меури.
Доколку и вие некогаш бидете жртва на вакво морско суштество, добро е да знаете дека не треба да го триете местото на убодот од медуза, бидејќи на тој начин дополнително се впива отровот во ткивото. Местото на убодот треба да се измие со морска вода, а пипалата треба да се извадат со помош на пинцета.
Добро би било на местото на убодот да ставите облога со оцет или со алкохол, а слободно можете да намачкате и креми кои го намалуваат воспалението и чешањето.
Ако сте толкав баксуз и дозволите медузата да ве пецне во пределот на лицето и очите, тогаш работата станува прилично сериозна, бидејќи отровот може да предизвика трајно оштетување на видот.
Па така, убодите на очите и на лицето треба темелно да се исплакнат со слатка вода од чешма и што е можно побрзо да се побара лекарска помош.
Убодот во пределот на устата може да предизвика тешкотии при дишењето и голтањето, па затоа е неопходно веднаш да се упатите кон најблиската амбуланта.
Исто така, треба да знаете дека дури и мртва медуза која се топи на песокот на плажата може да биде опасна за човекот. Па, ако најдете таква, не ја допирајте со голи раце.
Морски еж
Овие боцкави животинки живеат на дното на морето, па невнимателните капачи честопати ги нагазуваат. А тоа е многу, многу, многу болно!
При нагазување, боцките на ежот се кршат и продираат длабоко во ткивото каде што можат да останат и да предизвикаат дополнителни компликации како што е гноење, постојана болка и слично.
Местото на убодот треба веднаш да се дезинфицира со алкохол и добро би било со стерилна игла да ги извадите боцките. Потоа, потребно е да се заштити раната со стерилна газа и фластер, а препорачливо е мирување од неколку денови.
-Бевме на одмор во Сутоморе, нуркавме со синовите, а јас движејќи се покрај карпите нагазив на морски еж. Можам да кажам дека „ѕвездите ги видов“ од болка. Полека излегов на копно, а пријателите веднаш ме однесоа во болница. Таму ги извадија боцките, ја дезинфицираа раната, но одморот мене секако ми се расипа затоа што ногата ми ја преврзаа со завој и ми рекоа да не влегувам во вода од 7 до 10 дена. Толку беше капењето и нуркањето за мене таа сезона – раскажува скопјанецот Тони Бошков.
Добра идеја е пред одење на море да си набавите силиконски обувки за во вода, токму за да одбегнете непријатности со ежовите.
Риба-змеј
Живее во песочното дно, во длабокото и во плиткото. Се закопува во песокот, добро се камуфлира и чека жртви кои ќе ги боцне со отровната стрелка.
Ја има во Јадранско Море, ама и во Егејско Море. Рибата расте во должина до 40 сантиметри и достигнува тежина до 1,5 килограми.
Како и кај другите отровни риби, така и отровот на рибата-змеј дејствува врз нервниот и васкуларниот систем на човекот.
Болката е силна, пулсирачка, а местото на убодот веднаш отекува и ја менува бојата. Понекогаш се појавуваат и меури.
Местото на убодот треба веднаш да се измие, а боцката, доколку ја има, треба да се извади со пинцета. Поради тоа што отровот е термолабилен, односно чувствителен на зголемена температура, местото на убодот треба да се потопи со жешка вода, колку што можете да издржите без да се изгорите.
Доколку рибата ве боцне на ногата, тогаш чувајте ја ногата во леѓен со жешка вода најмногу еден час.
-Неколку пати сум бил жртва на рибата-змеј и можам да кажам дека е прилично непријатно чувството. Во моментот кога ќе ве боцне ви доаѓа да мислите дека умирате. Многу е силна болката, такво нешто не се опишува. Првиот пат кога ме боцна, веднаш ме однесоа во амбуланта, а таму ми ја ставија ногата во жешка вода и болката за час исчезна. После веќе си го знаев лекот. Поради тоа што сум рибар, многу често се случува риба-змеј да се закачи на јадицата, па обидувајќи се да ја откачам неколку пати ме боцнала за прст. Тогаш фрлам јадицата и веднаш трчам по жешка вода – раскажува 66-годишниот Бранимир од Скопје, кој редовно летува во Грција.
Б.З.М.