4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБРИКС - од обичен слоган до вистински економски блок

БРИКС – од обичен слоган до вистински економски блок

БРИКС еволуираше од обичен слоган во вистински економски блок. Пред претстојниот самит во Јоханесбург, групата размислува и за проширување. Што е БРИКС, што сака и колку е важен денес?

– Од рускиот напад на Украина, БРИКС доби нов замав – вели Жонгјуан Зое Лиу, експерт во Советот за надворешни односи на САД.

И навистина: се повеќе и повеќе земји сакаат да се приклучат на Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, според извештаите пред самитот на 22-24 август во Јоханесбург.

Сето ова предизвикува загриженост на Западот.

Што е БРИКС и како е создаден?

Иронијата е што семето на БРИКС е посеано токму во познатата инвестициска банка со седиште во САД – „Голдман Сакс“. Главниот економист, Британецот Џејмс О’Нил, во извештајот за странските инвестиции во 2001 година, за првпат го употреби акронимот БРИК од почетните букви на земјите кои се означени како економии со многу брз раст и кои ќе доминираат во светската економија до 2050 година. Креатор на кратенката е еден од економистите кои го подготвија извештајот, Рупа Пурушотаман.

Идејата беше добро прифатена во соодветните земји, а во 2006 година започнаа серија состаноци кои доведоа до првиот самит на лидерите на БРИК во јуни 2009 година во Екатеринбург. Веќе на крајот на декември 2010 година, Јужна Африка им се придружи, додавајќи ја буквата „С“ на акронимот – БРИКС.

БРИКС не е меѓународна организација, туку платформа за соработка и размена и во тој поглед е сличен на Г7, група на најразвиените земји.

Што сакаат БРИКС?

Целта на критиките на БРИКС е првенствено доминацијата на САД и ЕУ во институциите како Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), двете со седиште во Вашингтон.

  • Тие се впуштија во многу голема мисија, а тоа е да го диверзифицираат постоечкиот глобален финансиски систем предводен од Западот, вели Зои Лиу и објаснува: – Глобалната финансиска криза ги принуди тие земји во развој, членки на Глобалниот југ, да почнат да ја доведуваат во прашање релевантноста, доверливоста и кредибилитетот на глобалниот финансиски систем предводен од САД.
  • Не може да се негира дека глобалниот систем сега се карактеризира со одредена неправедност. Нема еднаквост меѓу земјите од југот во развој и земјите од развиениот север – вели Луанда Мпунгос од Јужноафриканскиот институт за меѓународни односи.

И Антара Госал Синг од индискиот тинк-тенк Обсервер Истражувачка Фондација се согласува: „Постојат очигледни длабоки недостатоци во сегашната меѓународна архитектура што не ја одразуваат денешната политика, економија и демографија“.

Оваа нерамнотежа е добро илустрирана со споредбата на БРИКС и групата Г7, која ја сочинуваат САД, Канада, Франција, Германија, Италија, Велика Британија и Јапонија. Додека Г7 сочинува 10% од светското население, земјите од БРИКС се дом на 41,5% од сите луѓе во светот – 3,21 милијарди. Сепак, околу 43% од светскиот БДП е концентриран во земјите од Г7, додека БРИКС сочинува нешто повеќе од една четвртина од светската економија.

Развојна банка на БРИКС

За да го засилат својот глас, БРИКС досега користеше двојна стратегија: од една страна лобираа за реформи на Светска банка и ММФ, од друга страна основаа свои институции – на пример, Нова банка за развој, која беше лансирана во 2017 година. Финансира развојни проекти во земјите-членки, како што се електрични автобуси во Бразил, хидроенергија во Русија или водоснабдување во Индија. И тоа го прави на начин кој повеќе им одговара на тие земји.

Новата развојна банка е многу различна од другите финансиски институции, вели Луанда Мпунгос.

  • ММФ или Светската банка имаат нешто што се нарекува Програми за структурно прилагодување. Ние го гледаме тоа како условување: ќе добиете средства, но ова е она што треба да го промените во вашата земја. Затоа е наметнување услови и тоа го гледаме во многу случаи во африканските земји кои добиваат заеми. Клучната разлика е во тоа што Новата банка за развој не поставува услови.

Наместо доларот – националната валута на БРИКС

Банката исто така ја промовира употребата на националните валути на членките на БРИКС.

– Заеднички интерес на Новата развојна банка и поединечните членки на БРИКС е создавање алтернативен финансиски систем со користење на националната валута во трговијата, како и развој на сопствен пазар на обврзници, исто така во националната валута – вели Жонгјуан Зое Лиу.

Сепак, БРИКС функционира во вистински меѓународен финансиски систем, каде што доларот е сè уште крал. Со оглед на тоа, и бидејќи Русија беше санкционирана поради инвазијата на Украина, банката на БРИКС престанаа да финансира проекти во Русија за да избегнат самите да бидат санкционирани.

Идејата за заедничка валута беше изнесена неколку пати, но таа допрва треба да добие одредена политичка сила.

Политички – пет многу различни земји

На економски план, БРИКС истовремено предлага реформи на постоечкиот систем, но нуди и алтернативи. Дали таквиот пристап може да функционира и на политичко ниво?

Членовите на БРИКС останаа заедно дури и откако Русија ја нападна Украина. Кина, Индија и Јужна Африка се воздржаа од осуда на Русија во Обединетите нации.

Сепак, фактот дека БРИКС се состои од пет многу различни земји, често со различни интереси, го ограничува опсегот на нивната политичка соработка.

  • БРИКС не е формален сојуз. Според тоа, не е исто како на пр. НАТО. БРИКС е неформално партнерство – вели Жонгјуан Зои Ли. – Идејата е членките да ја делат платформата на БРИКС и да разговараат за одредени прашања од заеднички интерес, но секоја земја да има и право на вето.

– Во областите каде што немаат заеднички интерес или каде што има разлики, тие потоа се враќаат на своите национални интереси и национални пристапи – објаснува Луанда Мпунгос.

Во последниве години, тоа е првенствено случај во односите меѓу Индија и Кина. Граничните конфликти доведоа до проблеми меѓу двете најнаселени нации во светот. И иако продолжија да се среќаваат на самитите на БРИКС, двете страни си ги блокираа идеите една на друга.

Во исто време, додека моментално се зголемуваат тензиите меѓу Русија и Кина од една страна и Западот од друга страна, Индија се обидува да ги избалансира работите.

  • За Индија, БРИКС и Г7 не се во спротивност меѓу себе – вели Антара Госал Синг Индија сака поголемо партнерство со САД, Јапонија и Западна Европа за да го поддржи нејзиниот развојен процес. Таа верува дека овие земји можеби се во релативен пад, но верува дека тие остануваат клучен извор на капитал, технологија и пазари на кои Индија може да се потпре и да бара пристап до нив.

Повеќе од 40 земји сакаат да се приклучат на БРИКС

Она што покажува дека има различни приоритети меѓу членките на БРИКС е можното проширување. Домаќинот на самитот, Јужна Африка, рече дека повеќе од 40 земји изразиле интерес за приклучување. Меѓу нив се земји како Аргентина, Саудиска Арабија и Индонезија.

Експанзијата ја промовира Кина, која своевремено се залагаше за прием на Јужна Африка, но Индија го гледа до одреден степен како зајакнување на влијанието на Пекинг.

  • Многумина во Кина веруваат дека ограничувањето на БРИКС на првичните пет члена го намалува неговото севкупно глобално влијание, неговото право да зборува на глобалните платформи – вели Антара Госал Синг.

Таа објаснува дека зад ова се крие се посилната конкуренција меѓу Кина и САД. – Кина се обидува да натера се повеќе и повеќе економии во развој од целиот свет да се приклучат на кинескиот синџир на снабдување – истакнува Синг.

Која е иднината на БРИКС?

Без разлика, дискусијата за проширување покажува дека БРИКС може да започне со создавање на поширок меѓународен блок на земји од глобалниот југ. Дали може тоа да функционира?

Антара Госал Синг ги посочува проблемите: – Има недостаток на идентитет и помала кохезија во однос на одлучувањето. Ова се недостатоците со кои моментално се соочува БРИКС и една од причините зошто некои од земјите членки се толку заинтересирани за проширување на опсегот на БРИКС.

Од друга страна, Луанда Мпунгосе укажува дека фактот што „се поголем број земји сакаат да се приклучат покажува дека има нешто што БРИКС прави како што треба“. Повеќе не се работи само за економска дипломатија. БРИКС се развива како блок кој се занимава со сите критични области на меѓународната соработка“.

Сè на сè, БРИКС е тука да остане, заклучува Жонгјуан Зое Лиу: – Членовите на БРИКС одржуваат стотици состаноци секоја година, на различни нивоа, на ниво на шефови на држави или на ниво на работни групи. За оние кои веруваат дека БРИКС можеби е минато или дека не се релевантни како група, пораката е оваа: тие се всушност многу релевантни.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП