7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтудентите ги канат политичарите да одат заедно на јадење – што може...

Студентите ги канат политичарите да одат заедно на јадење – што може да се купи за 140 денари?

Едно е тоа што 140 денари се премалку за да може еден студент да си дозволи квалитетен оброк во текот да денот, а друго е тоа што истиот тој студент е буквално спречен да го искористи оброкот кој му следува затоа што најголемиот дел од угостителските објекти во близина на кампусот на УКИМ не поседуваат терминали за плаќање со картичка.

Ова за Денар го раскажуваат студенти кои се дел од движењето „Студентски отпор“, а кое не се согласува со новиот начин на исплата на субвенционираниот студентски оброк, бидејќи, како што велат оттаму, предвидено е плаќање само со картичка и парите пропаѓаат ако не сте ги потрошиле во текот на денот.

-Што се 140 денари за едно јадење? Па знаат ли властите колкава е инфлацијата во земјава и дека цените на храната се скокнати до плафон? Еден најобичен тост во една најобична сендвичарница се продава за најмалку 180 денари, а да не зборуваме за храната којашто се смета за здрава храна и која е препорачлива за студентите? Плус, како да го искористиме ваучерот кога нѐ ограничиле да плаќаме само со картичка, а најголемиот дел од продавниците, сендвичарниците и рестораните околу УКИМ не поседуваат ПОС-терминал и ретко каде дава фискална сметка. Затоа, потребно е властите малку да излезат од своите климатизирани канцеларии и да прошетаат околу УКИМ, да разговараат со студентите, да го опипаат теренот и да проценат дали нивната одлука е исправна. А кога ќе решат да ја направат обиколката, ги советувам да си стават 140 денари во џебот и нека се обидат да си купат оброк – ни изјави Стефанија, студентка од Правниот факултет во Скопје.

И движењето „Студентски отпор“ официјално се противи на ваквата одлука, бидејќи, како што објаснуваат оттаму, на само еден месец пред почетокот на академската година, сѐ уште не е утврдено на кој начин, на кои места и во кое време ќе може да се искористат средствата.

-Како што и претходно баравме, така и овој пат, сметаме дека согласно инфлацијата, 140 денари дневно е мала сума за еден квалитетен оброк. Дополнително, не се согласуваме со тоа парите да не можат да се искористат следниот ден ако не се искористени истиот ден кога се префрлени – коментираат од „Студентски отпор“.

Инаку, исплатата на студентскиот оброк за оваа студентска година ќе се врши преку специјална кобрендирана картичка, која Шпаркасе Банка ќе ја издава во соработка со Министерството за образование и наука.

Средствата во износ од 140 денари, студентите ќе може да ги користат кај правни лица што произведуваат, подготвуваат или продаваат храна и прехранбени производи.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП