3 мај, 2024
ПочетнаСВЕТДали најголемите загадувачи меѓу државите и компаниите некогаш ќе платат за направената...

Дали најголемите загадувачи меѓу државите и компаниите некогаш ќе платат за направената штета?

Според аналитичарите на американската инвестициска банка Морган Стенли, катастрофите поврзани со климатските нарушувања го чинеа светот 650 милијарди долари во периодот од 2016 до 2018 година. Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ги процени трошоците за постигнување на Целите за одржлив развој на Обединетите нации на начин компатибилен со Парискиот договор од 2016 година на 6,9 трилиони долари годишно до 2030 година.

Според Парискиот договор, сите земји потписнички мора да вложат напори и ресурси за растот на просечната глобална температура да не ја надмине „магичната граница“ – два степени Целзиусови повисока од температурата на таканаречената „прединдустриска ера“. Парискиот договор или протокол го потпишаа 193 од 197 држави признати во ОН. Меѓу последните потписници беа Турција и Ирак во 2021 година. Четирите преостанати земји се Иран, Либија, Јемен и Еритреја. Иран и Либија се исто така членки на ОПЕК, меѓународниот картел за производство на нафта.

Исто така, не треба да заборавиме дека претходниот протокол, оној од Кјото во 2005 година, не сакаше да биде ратификуван од Соединетите Американски Држави, како главен потрошувач на нафта. Договорот од Кјото беше историски бидејќи покрена важни прашања, но не доведе до исполнување на целите. Не е исклучено во одреден момент од истата причина да пропадне Парискиот договор и да биде заменет со нов, а за тоа време да се зголемува заканата за човештвото, но и за сите живи суштества на планетата.

Извештајот на Центарот за одржлив напредок Делоит (DCSP), објавен за време на минатогодишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, укажува дека климатските промени, доколку не се контролираат, би можеле да ја чинат глобалната економија 178 трилиони долари во следните 50 години, што е приближно намалување на 7,6 отсто од светскиот БДП.

Ова се огромни бројки кои повеќето граѓани, па ни економисти, не можат да ги видат во секојдневната економија во реално време. Последиците од отсуството на толку голема сума пари се огромни, особено ако се земе предвид дека некои земји (по правило, најсиромашните) ќе го извлечат подебелиот крај на оваа распределба.

Исто така е важно прашање – покренато од многу критичари на ваквите мерења од страна на врвни меѓународни финансиски и ревизорски организации – до кој степен може да се верува на споменатите проценки, имајќи го предвид мноштвото непознати променливи кои треба да се внесат во финалната равенка? Со други зборови, дали методологијата што се користи воопшто е сигурна?

Деновиве со голо око може да се утврди постоењето на климатските промени, а научниците со децении се согласуваат дека ние како цивилизација тргнавме по опасен пат. Климатолозите утврдуваат промени со зголемувањето на температурата и зачестеноста на екстремните временски катастрофи, биолозите со брзото уништување на живиот свет, а економистите со негативното финансиско влијание на големите катастрофи – трошоците за поправки на инфраструктурата, раселувањето на населението, уништувањето на посевите и прекини во извозот…

Полесно е да се измери краткорочната загуба отколку долгорочната, додека создавањето прогнози е особено неблагодарно бидејќи тие вклучуваат бројни компјутерски симулации.

Земјите кои најмногу загадуваат во светот се Кина, САД, Индија, Русија и Јапонија, по тој редослед. Од тоа, според податоците со кои располага Светската метеоролошка организација, Кина „придонесува“ со дури 30 отсто од сите емисии на штетни гасови, а САД со 14 отсто.

Што се однесува до најодговорните компании, беше објавено многу интересно истражување од Институтот за отчетност за климата. Во обемното собирање информации, од 1965 година наваму, Институтот дошол до заклучок дека најголем виновник е Сауди Арамко, а потоа Шеврон и Гаспром.

Секако, ги следат сите големи енергетски компании, без разлика дали се занимаваат со експлоатација на нафта, јаглен или гас.

Водачот на истражувачкиот тим, Ричард Хиде, заклучува дека во набљудуваниот период само 20 компании придонеле со 35 отсто од вкупно емитираниот јаглерод диоксид и метан во светот, односно со вкупно 480 милијарди тони еквивалент на јаглерод диоксид и прашува дали некој од нив поради тоа ќе одговара.

Кога станува збор за одговорноста, треба да се потсетиме и на покренатото прашање за „климатските репарации и компензации“, што беше покренато од претставници на земјите во развој на состанокот COP27 во Египет во ноември.

Поединечни земји побараа неочекувано големи компензации од најголемите светски економии како отплата за штетите предизвикани од индустријализацијата во изминатите 150 години, што доведе до сериозни еколошки и економски проблеми во нивните територијални граници.

Имаше и сугестии најсиромашните земји кои претрпуваат најголема штета предизвикана од климатските катастрофи делумно да ги отпишат своите надворешни долгови како дел од репарациите.

Малку е веројатно дека тоа ќе се случи, но последица на состанокот на COP27 беше формирањето на специјален механизам за финансирање загуби и штети (LLDF) за помош на ранливите земји. Најбогатите земји во суштина се обврзаа преку оваа институција да собираат помош за земјите од таканаречениот „Глобален југ“(Global South).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП