1 мај, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАУНЕСКО бара забрана за мобилни телефони во училиштата: „Новото не е секогаш...

УНЕСКО бара забрана за мобилни телефони во училиштата: „Новото не е секогаш подобро, дигиталната технологија го попречува учењето“

Паметните телефони треба да бидат забранети во училиштата за да се спречат нарушувања на часовите, да се подобри учењето и да се заштитат децата од сајбер малтретирање, се вели во новиот извештај на УНЕСКО, Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации.

Според објавениот документ, постојат докази дека прекумерната употреба на мобилни телефони ги намалува образовните перформанси и дека поминувањето премногу време пред екран може да има негативни ефекти врз емоционалната стабилност на децата.

Повикот за забрана на паметните телефони во училниците е јасен знак дека дигиталната технологија во целина, вклучително и вештачката интелигенција, секогаш треба да биде во служба на „хуманоо-центричен поглед“ на образованието и никогаш да не ја замени директната интеракција со наставниците.

„Гардијан“ пишува дека УНЕСКО ги предупредува креаторите на политиките за непромисленото усвојување на дигитални технологии, тврдејќи дека нивното позитивно влијание врз резултатите од учењето и економската ефикасност може да биде пренагласено и дека новото не е секогаш подобро.

„Не сите промени носат напредок. Само затоа што нешто може да се направи, не значи дека треба да се направи“, се заклучува во извештајот.

Бидејќи голем дел од образованието се префрла на онлајн сферата, особено на универзитетите, УНЕСКО ги повикува креаторите на политиките да не ја занемаруваат „општествената димензија“ на образованието, која вклучува директно учење лице в лице.

„Оние кои ја поттикнуваат индивидуализацијата, може целосно да изгубат од вид што е образование“, вели генералниот директор на УНЕСКО Одри Азул.

„Неговата употреба мора да биде во служба на подобрени искуства во учењето и за благосостојбата на учениците и наставниците, а не на нивна штета. Чувајте ги потребите на учениците на прво место и поддржувајте ги наставниците. Интернет-врските не се замена за човечката интеракција“, додаде Азул.

Во извештајот на УНЕСКО се наведува дека државите треба да постават јасни цели и принципи за да се осигураат дека дигиталната технологија во образованието е корисна, наместо да му наштети на здравјето на поединечните ученици, како и на демократијата и човековите права преку кршење на приватноста и ширење омраза на интернет.

Прекумерното или несоодветното користење на технологијата во училницата и дома, без разлика дали се работи за паметни телефони, таблети или компјутери, може да го одвлекува вниманието, и со тоа да има одлучувачко влијание врз учењето, велат експертите. Извештајот цитира голема меѓународна студија која ги разгледала резултатите од низа истражувања и открила „негативна поврзаност“ помеѓу прекумерната употреба на дигиталната технологија и перформансите на учењето.

Иако технологијата потенцијално може да отвори можности за учење за милиони луѓе, не сите имаат еднаква корист од неа, оставајќи ги исклучени многу посиромашни луѓе ширум светот. Инфраструктурата за дигитално образование е скапа, а цената што ја плаќа животната средина честопати се потценува.

Има малку истражувања кои недвосмислено укажуваат дека дигиталната технологија значително додава вредност на образованието, според УНЕСКО во извештајот за Светскиот мониторинг на образованието за 2023 година. Голем дел од доказите за поддршка на таа теза доаѓаат од истражување финансирано од приватни компании кои се обидуваат да продадат дигитално учење. Нивното растечко влијание врз образовната политика во земјите ширум светот е „причина за загриженост“, се додава во извештајот.

УНЕСКО наведува дека „земјите полека се будат за важноста да се стават студентите на прво место“. Агенцијата го наведува примерот на Кина, која ја ограничила употребата на дигитални уреди во процесот на учење на триесет проценти, а од студентите се очекува да прават редовни паузи додека гледаат во екранот.
Учењето преку Интернет е нашироко признаено дека „го запре уништувањето на образованието“ кога училиштата и универзитетите се затворија за време на пандемијата. Се проценува дека во тој период повеќе од една милијарда студенти ширум светот се префрлиле на онлајн учење. Сепак, милиони сиромашни луѓе кои немаа пристап до Интернет беа изоставени.

Врз основа на анализа на 200 образовни системи ширум светот, УНЕСКО проценува дека една од шест земји ги забранила паметните телефони во училиштата или преку закони или регулативи. Меѓу нив е Франција, која го воведе правилото во 2018 година, како и Холандија, каде одлуката ќе стапи на сила во 2024 година.

Објавувајќи ја забраната овој месец, холандскиот министер за образование Роберт Дајкграф рече: „Учениците треба да се забавуваат и да им се даде можност да учат добро. Мобилните телефони го одвлекуваат вниманието – тоа го покажуваат научните истражувања. Треба да ги заштитиме учениците од тоа“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП