2 мај, 2024
ПочетнаСВЕТВо Грција беснеат 82 пожари, во тек е масовна евакуација

Во Грција беснеат 82 пожари, во тек е масовна евакуација

По масовната евакуација на жителите и туристите од островот Родос, евакуација започна и од грчкиот остров Крф, кој исто така се бори со невидени шумски пожари. Во моментов пожарникарите во Грција гаснат 82 пожари, а денеска метеоролозите ја објавија најлошата можна вест – во вторник температурата повторно ќе достигне 44 степени, а во Егејското Море ќе дува силен ветер.

Властите издадоа наредба за евакуација на Крф во неделата вечерта, со снимки објавени на социјалните мрежи на кои се гледа како дим се издига низ островот. Пожарот избил во северниот дел на островот, кој е популарен меѓу туристите.

Луѓето од областите Санта, Мегула, Порта, Палија, Перитија и Синиес беа принудени да се евакуираат. Властите испратија чамци за да ја олеснат евакуацијата по море.

Да потсетиме, повеќе од 260 пожарникари работат на гаснење на пожарот на југот и западот на островот Родос во Егејското Море, каде што за време на викендот беа евакуирани десетици илјади туристи за време на најголемата операција од тој тип спроведена во Грција. Според грчкото Министерство за климатски промени и цивилна заштита, тоа е „најголемата евакуација поради шумски пожари“ во грчката историја.

Во Грција температурите со денови надминуваат 40 степени, а речиси една недела во некои области беснеат пожари.

Ветровите и огнениот фронт долг девет километри од центарот на островот до источните плажи создадоа екстремни услови, изјави портпаролот на противпожарната служба Василис Вартакојани. Некои туристи пешачеа километри во жештината за да стигнат на безбедно, а животински трупови можеа да се видат во близина на изгорени автомобили.

Заменик-градоначалникот Константинос Тараслијас објасни дека ветрот во неделата наутро се завртел за 180 степени, па пожарот се засилил и се проширил со километри кон туристичката зона.

Како и секое лето, Грција е зафатена од шумски пожари, често смртоносни, кои опустошуваат десетици илјади хектари шуми и вегетација.

Летово земјата го доживеа еден од најдолгите топлотни бранови во последните години, според експертите од Националната метеоролошка служба (EMY), со температури до 45 степени.

Во понеделник температурата „благо ќе порасне“ со температури до 37 степени во Атина, додека во централниот дел на земјата и на Пелопонез температурите може да се искачат до 42 степени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП