2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЌе возиме ли мотори од 125 кубика со „Б“ категорија?

Ќе возиме ли мотори од 125 кубика со „Б“ категорија?

Барањето за управување мотоцикли со моќност од 125 кубни метри само со „Б“ категорија неодамна било ставено на маса и за оваа законска измена се воделе сериозни дебати и контактирани биле експерти од областа на сообраќајот, дознава Денар.

Како што брифираат наши извори кои директно учествувале во кроењето на законската измена, побарано било мотоциклите/скутерите со моќност од 50 кубни метри и мотоциклите/скутерите со моќност од 125 кубни метри да бидат ставени во иста категорија, односно за нивно управување да не биде потребна возачка дозвола од „А“ категорија.

Сепак, посочуваат нашите соговорници, иако ваквата законска измена наишла на одобрување кај поголемиот дел контактирани експерти, сепак, поради некоја причина во „5 до 12“ била блокирана и работите биле вратени по старо – мотори од 50 кубика да се возат со „Б“ категорија, а мотори од 125 кубика да се возат со „А“ категорија.

Денар разговараше со сопственик на скутер од 50 кубика, кој вели дека потребен му е за нијанса помоќен мотор, но не може да си го дозволи затоа што и полагањето за „А“ категорија не е евтино.

-Возам скутер од 50 кубика, но јас сум тежок 130 килограми и чувствувам дека моторчето се мачи на нагорници. Затоа сум размислувал да се обидам со скутер од 125 кубика, но немам ни време ни пари за полагање „А“ категорија. И јас слушнав дека се размислувало за да се овозможи управување со мотор од 125 кубика само со „Б“ категорија и тоа е многу добра идеја. Не е многу голема разликата во моќноста, ама за некои луѓе тоа многу значи. Јас навистина не гледам причина зошто би ми била потребна „А“ категорија за мотор од 125 кубика затоа што тој мотор не вози повеќе од 80 километри на час. Тоа не се ни смета за мотор – вели 25-годишниот Дарко Стаменковски од скопската населба Бутел.

Инаку, за полагање „А“ категорија потребно е да поминете 16 наставни часа обука, а дневно се одржуваат по два наставни часа.

Самата обука се изведува вкупно 8 дена, а чини околу 16.000 денари.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП