22 април, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈАКога веќе немаме гробница за миленичиња - „Чичко Гробар“ од Козле е...

Кога веќе немаме гробница за миленичиња – „Чичко Гробар“ од Козле е махер за погребување кучиња и мачиња

Замислете дека имате куче кое го чувате цели 15 години – заедно јадете, заедно пиете, заедно спиете, заедно одите на одмор – и одеднаш кучето умира.

Би посакале да му овозможите достоинствен „погреб“ и достоинствено да се збогувате од својот верен пријател?!

Е па, сакате, ама нема! Во Скопје, а и во останатите градови низ Македонија не постојат гробници за домашни миленици, а не постојат ниту крематориуми за миленици.

Секако, постојат дворови, ридови и планини каде што луѓето најчесто кришум ги закопуваат своите четириножни пријатели, ама ако ве фатат – казните се високи!

Доколку целосно ги почитувате правилата, тогаш единственото решение што ви го нуди државата е да го фрлите кучето во контејнер, па екипите на ЈП Комунална хигиена да го соберат контејнерот и да го истурат во депонијата „Дрисла“.

Звучи нехумано, зарем не?

Затоа, тука е „Чичко Гробар“. Тој е средовечен човек од скопската населба Козле, чија работа е да го земе вашето милениче од вашиот дом и достоинствено да го закопа. Цената за оваа услуга варира во поглед на килограмите на починатото животно, но „почетната“ цена изнесува 1.000 денари.

За жал, не успеавме да стапиме во контакт со „Чичко Гробар“, но затоа разговаравме со луѓе кои му го „довериле“ телото на својот миленик.

-Едноставно, не можев да го фрлам во контејнер. Со мојот Бени го поминав половина свој живот, буквално. Тој живееше 14 години, а јас сега имам 28 години. Секогаш беше тука за мене и имаме многу заеднички спомени. Како може само така да го фрлам во контејнер како да е обично ѓубре? Од друга страна, ме предупредија дека не смеам да го закопам на своја рака, оти ќе ме казнат. Не знаев што да правам, па затоа решив да побарам помош од „Чичко Гробар“. Му се јавив на човекот, се договоривме, дојде и го зеде Бени. Не го ни стави во црна вреќа, туку на специјално изработена носилка. Ми вети дека достоинствено ќе го закопа и дека нема да заврши на депонија. Му платив 1.500 денари – раскажува Марија Јанковска од Скопје.

Денар разговараше со ветеринари од главниот град кои велат дека гробница за миленици е повеќе од неопходна.

-Никој не знае колку кучиња, мачиња, папагали или зајачиња починуваат во земјава. Немаме никаква статистика. Луѓето кои се блиски со ветеринарите понекогаш знаат да се јават во ординација и да кажат дека нивното милениче починало, па само тогаш ветеринарите можат да ја регистрираат смртта во електронскиот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство. Но, тој систем важи само за чипираните животи, а каде се сите други нечипирани? Многу често ни доаѓаат луѓе чии миленици починале за да не прашаат каде можат да ги закопаат и достоинствено да се збогуваат со нив. Што да им кажеме? Јас мислам дека ние сме единствената демократска земја во Европа која нема ни гробница за миленици, ни можност за кремирање на милениците. Луѓето се зближуваат со своите миленици, заедно јадат, заедно спијат, а на крајот треба да ги фрлат во јамата на депонијата „Дрисла“. Не е хумано и не е етички – објаснува ветеринарот кој сакаше да остане анонимен.

Од ЈП Комунална хигиена-Скопје, пак, брифираат дека претпријатието има надлежност да одлага мрша само од јавни површини, вклучувајќи починати коњи, оставени починати улични кучиња, мачки и слично.

Немаме ингеренција, не сме овластени да ги одлагаме починатите домашни миленици. Во минатото имавме ингеренција да заловуваме на Вардариште, но сега Вардариште е под капата на Лајка, па нашата надлежност е само за собирање на мршите по улиците. Граѓаните се јавуваат, а ние веднаш доаѓаме. Единствениот услов е животното да се наоѓа на јавна површина – брифираат од Комунална хигиена.

Каква е ситуацијата во регионот?

Во Бугарија постојат неколку центри за кремирање на домашни миленици, а цената зависи од килограмите на животното.

Па така, за милениче до 5 килограми цената е 50 евра, а 100 евра чини кремирањето доколку животното има до 50 килограми.

Класична гробница за миленици нема во Бугарија, но затоа има во Белград, Истанбул и во неколку градови во соседна Грција.

Во Хрватска постојат повеќе фирми за кремирање домашни миленици, а на сајтот на една таква фирма од Загреб наведени се следните услуги: преземање на телото на миленичето, кремирање, полагање на останките во касета и вкопување на касетата во гробно место.

Истата оваа компанија врши превоз од повеќе хрватски градови до гробиштата во Загреб и тоа дополнително се доплаќа, додека цените за самиот закоп чинат од 15 до 200 евра.

Според каталогот, гробовите на милениците имаат површина од 0,5 до 2,5 метри квадратни.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП