28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо светот не постои превод за терминот дивоградба, а во Македонија градењето...

Во светот не постои превод за терминот дивоградба, а во Македонија градењето на црно никој не може да го запре!

Повеќе од 10 години институциите не можат да го решат проблемот со дивоградбите. Законот за легализација на безправно изградените објекти неколку пати е пролонгиран се со цел граѓаните кои имаат ваков објект или доградба да го легализираат. И покрај напорите на властите процесот на легализација се одвива многу споро. Последниве години во просек за една година се легализираат нешто повеќе од 100 објекти изградени на незаконски начин.

Државниот завод за статистика објави дека најмногу дивоградби има во Скопје 82. Веднаш зад главниот град по бројот на безправно изградени објекти е Куманово со 79. Следува Охрид со 56, Тетово со 31 и Струга со 26 дивоградби. Во останатите градови се регистрирани по нешто над 15 дивоградби.

Податоците на статистика покажуваат дека од 662 дивоградби околу 149 се објекти за домување. Доградби и надградби има 101. Потоа во земјава се регистрирани 58 деловни простории кои се безправно изградени, има 94 гаражи и 124 огради кои на незаконски начин се поставени. Исто така во Македонија има дивоизградени 19 тераси, пет летни тераси, 50 настрешници, 15 времени објекти и 79 помошни објекти.

Официјалните податоци на Агенцијата за катастар покажуваат дека во земјава се легализирани 300 илјади дивоградби. За толку објекти не биле платени комуналии, не биле изработени елаборати и нема потврда од стручни лица дека градбите се по сите стандарди и се безбедни. Во 2021 година истече важноста на законското решени кое на сила беше цели 10 години. Во тој период властите им дадоа рок на несовесните граѓани да ги легализираат објектите по симболични цени или во спротивно ќе им бидат срушени. Потоа за целосно норфамализирање на состојбите се со цел да нема безправно изградени објекти, од Владата решија да го продолжат рокот на важење на законот за уште пет години но сега со други услови. Оние кои не го сторија тоа во претходните пет години кога имаат можност за едно евро за метар квадратен, сега тоа ќе ги чини 50 отсто од цената на комуналиите во општината каде се наоѓа дивоградбата. Новите правила не важат само за примателите на социјална помош.

Од Владата потенцираа дека со овој закон се решава клучни и главни инфраструктурни прашања и проекти на државата, далекуводи, гасоводи, водоводи и различни објекти што биле изградени одамна со сите процедури, но не се впишани во Катастарот.

Податоците на надлежните се дека низ годиниве се поднесени над 430 илјади барања за легализација на дивоградби. Сега легализација може да добијат само оние објекти кои се изградени од 2011 до 2020 година, а во најголем дел во институциите веќе има поднесено барање за нивно легализирање но не се стасало во законски утврдениот рок.

А градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски пред извесен период покрена иницијатива до ЗЕЛС со која побара да бидат конфискувани сите дивоградби кои се изградени на државно земјиште. Неговата идеа е да не се трошат пари за уривање туку да им биде одземен незаконски стекнатиот имот на несовесните граѓани.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП