5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВојната меѓу САД и Кина за чипови и улогата на Тајван

Војната меѓу САД и Кина за чипови и улогата на Тајван

За да ги развие своите нови технологии, Кина треба да увезе модерни микрочипови. Но, тие се контролирани од Вашингтон – кој со санкции се обидува да ја спречи Кина да ги контролира. Тајван исто така игра важна улога во сè.

Со месеци САД со санкции се обидуваат да ја спречат Кина да увезува и произведува најмодерни микрочипови. Тие се, на пример, неопходни за развој на вештачка интелигенција, во вселенските патувања и за модерната воена индустрија. На санкциите им се приклучија Холандија и Јапонија.

Кина, всушност, сè уште не може сама да произведува високотехнолошки микрочипови и затоа зависи од чипови и машини од странство.

Но, колку санкциите навистина влијаат на Кина? И каква улога игра Тајван во сето ова?

Автономни автомобили веќе една година возат по одредени патишта во јужната кинеска технолошка метропола Шенжен – по патот се движат целосно без возач, а покрај себе има само еден сопатник кој може да интервенира во случај на опасност. Градот со дванаесет милиони луѓе, кој некои го нарекуваат „Силиконската долина на Кина“, е дом на некои од најголемите кинески компании за висока технологија како Huawei, Tencent и ZTE.

Прозорците на облакодерите во ултрамодерниот кварт Наншан се силно осветлени до најгорните катови, дури и доцна навечер. Вработените во околу 4.000 високотехнолошки стартапи не спијат. Тука се развиваат нови производи, се спроведуваат истражувања, се вршат експерименти.

Една од овие компании е компанијата за роботика Elephant Robotics, која е основана пред седум години. Стартапот експериментира со вештачка интелигенција и понекогаш користи компјутерски чипови од странство.

Роботска рака со големина на детска рака подредува шарени дрвени коцки во различни кутии. Роботот може да разликува црвена дрвена коцка од зелена. За американските санкции, Киу Лиша, која е одговорна за странскиот стартап пазар, вели: „Во минатото, меѓународните санкции имаа одредено влијание врз нас. Особено кога се воведоа санкции за микрочипови, нивните цени експлодираа, па финансискиот притисок врз нас во тоа време беше многу голем“.

Од октомври минатата година, американската влада воведе нови ограничувања за извозот. Намерата е да се спречи Кина да увезува и произведува најнови високотехнолошки микрочипови. На санкциите им се приклучи и Холандија, која е сопственик на ASML, компанија која произведува машини за производство на чипови. И Јапонија неодамна им се придружи. „Мислам дека главната намера е да се осигураме дека Кина не може да користи голема количина од овие специјални чипови за вештачка интелигенција, а особено за вештачка интелигенција во војската“, објаснува Антонија Хмаиди. Таа работи во истражувачкиот институт Мерикс Кина во Берлин, специјализирана за развојна анализа на индустрии за чипови и вештачка интелигенција во Кина.

Хамаиди вели дека Кина сè уште не може сама да произведува чипови со високи перформанси помали од седум нанометри. Меѓународните експерти сметаат дека еден од најголемите предизвици за Кина е замената на машините за производство на чипови – тие доаѓаат од странство, а без нив не е можно производство на најмодерни чипови.

Сепак, според Хмаида, Кина не е целосно беспомошна. „Речиси сè што можете да направите со новите чипови, можете да направите со постарите генерации.“ Тоа, се разбира, бара повеќе електрична енергија, повеќе ресурси и повеќе пари. Сепак, таа е уверена дека кинеската индустрија ќе најде начини да се справи со санкциите, додава Хмаидфи, не можат да се контролираат сите чипови во светот. „Ако зборуваме за 1.000 или 10.000 чипови, тогаш кинеската компанија која е позиционирана на меѓународно ниво секогаш ќе добие нешто од тоа“, вели овој експерт. Во најлош случај транспортот се одвива низ три држави.

Кинеските експерти како Ксинг Јукинг, кој моментално работи во јапонскиот институт GRIPS во Токио, претпоставуваат дека нема да помине долго кога Кина сама ќе произведува чипови со високи перформанси. „Санкциите ќе ги принудат кинеските компании да направат сопствено истражување, за што е потребно повеќе време и пари“, вели овој професор по економија. Но, другите експерти се скептични за можностите – тие нагласуваат дека конкуренцијата исто така постојано се развива, па затоа не е сигурно дали Кина некогаш ќе може да го достигне развојот.

Но, Антонија Хмаиди верува дека токму чиповите со високи перформанси би можеле до одреден степен да го заштитат Тајван од воен конфликт. Блокирањето на синџирите на снабдување околу Тајванскиот теснец економски би влијаело на сите, вклучително и на Соединетите Држави, кои му даваат воена поддршка на Тајван. Покрај тоа, според Хмаида, ниту Кина ниту Соединетите Држави не се подготвени за воен конфликт: „Двете страни се уште се многу заинтересирани да не влегуваат во воен конфликт сега.“ И САД и Кина, всушност, веруваат дека сè уште треба значително да ја подобрат својата воена опрема, за да бидат сигурни дека можат да победат во евентуална војна, вели германскиот експерт.

Сепак, инцидентот на почетокот на јуни покажува колку е тензична ситуацијата. Кинески воен брод принуди американски разурнувач да го смени курсот во Тајванскиот теснец. Набљудувачите предупредуваат дека ваквите инциденти се се почести и дека тоа може да доведе до ненамерна ескалација.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП