27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПлатите растат и куповната моќ на граѓаните е зголемена само во извештајот...

Платите растат и куповната моќ на граѓаните е зголемена само во извештајот на статистика!

Објавата на Државниот завод за статистика дека за една година просечната плата пораснала за речиси 15 отсто уште повеќе ги испровоцира граѓаните да реагираат жестоко на социјалните мрежи.

Еден од најчестите разговори во јавноста е зголемувањето на платите на избраните и именуваните функионери кои последните три месеци добиваат плата повисока за речиси 80 отсто. Револтот е подеднаков како кај граѓаните кои се дел од приватниот сектор, така и кај вработените под државна капа. Токму кај државните административци тоа се чувствува сега повеќе бидејќи дел од нив започнаа со протести и најавија штајкови и бојкот на работата. Од друга страна цените и натаму галопирачки растат и покрај падот на цените на енергенсите на светско ниво. Општиот заклучок е дека платите се зголемуваат, а цените паѓаат само во извештаите на статистика.

Статистичарите пресметаа дека во април годинава просечната плата која ја добиваат вработените во Македонија е 36 илјади денари. Оваа сума се добива доколку се пресметаат сите висини на платите во главните сектори од стопанството каде и натаму предничат компјутерџиите и вработените во комукикациските компании. Нивната плата во просек изнесува 70 илјади денари. Но од 33 до 36 илјади денари според извештајот на државната статистика добиваат работниците во најголемиот дел од приватниот сектор. Најниски плати имаат вработените во сместувачките капацитети и подготовката на храна кои месечно заработуваат околу 28 илјади денари, од 32 до 35 илјади плата на месечно ниво добиваат вработените во трговијата на големо и мало, градежништвото, транспортот, административните дејности, дејности поврзани со недвижен имот, уметност и забава. Во однос на висината на платата отстапка прават финансиските дејности и дејностите за осигурување кои месечно заработуваат близу 1000 евра.

Но, ова на своја кожа граѓаните никако да го почувствуваат. Со иронични коментари секојдневно се изјаснуваат дека живеат луксузен живот, а инфлацијата повеќе не е никаков проблем.

И како што расте платата според статистика, така цените бележат намалување за безмалку еден цел процент односно за 0.9 осто. Но во исто време трошоците за живот на граѓаните се зголемени речиси исто колку што е зголемена статистички платата. За една година граѓаните на Македонија имаат зголемени трошоци за набавка на основните прехранбени производи за 15 отсто, колку што е зголемена статистички и платата. И тоа, само за леб трошоците се зголемени за над 20 отсто, за месо речиси 25 отсто, 18 отсто се поскапи млекото, јајцата и млечните производи. Зголемување на трошоците за речиси 10 отсто има и кај алкохолните пијалаци и кај тутунот. Статистика измери и зголемување од 15 отсто на годишно ниво и кај режиските трошоци на домаќинствата. И покрај сето ова од Владата се децидни дека живеачката на граѓаните се подобрува благодарение на мерките кои ги воведе во овој неколку годишен кризен период. Пресметките од Илинденска број два се дека од почетокот на пандемијата па се до денес над две милијарди евра биле испорачани во вид на мерки за поддршка на граѓаните и приватните компании.

Во однос на потрошувачката кошничка која ја пресметуваат синдикатите, таа сега изнесува нешто над 49 илјади денари. Толку пари се потебни на едно четири члено семејство за подмирување на основните потреби во текот на еден месец. Без малку 20 илјади денари завршуваат за набавка на основните прехранбени производи, месото е во ограничена количина, а рибата речиси и да ја нема во списокот за пазарување. Кога ќе се додадат околу 13 500 денари за да се платат сметките од сумата остануваат околу 250 евра. Со оваа сума треба да се купат лекови, сретства за хигиена, некое парче облека, автобуски превоз, посета на културни манифестации, спорт и рекреација. Колку и скромно да се распределат парите за сите овие активности, со тие пари се ова да се реализира – е невозможно.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП