4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ ги зголемува трошоците за одбрана, но дали воената индустрија ќе ја...

ЕУ ги зголемува трошоците за одбрана, но дали воената индустрија ќе ја задоволи побарувачката?

По состанокот на НАТО, САД ги предупредија своите европски сојузници дека не трошат доволно за одбраната и инсистираа да ги исполнат своите обврски и да инвестираат во воена модернизација 2 отсто од нивниот бруто домашен производ годишно, како што владее алијансата.

Подтекстот изгледаше јасен – трошете ги парите за купување оружје од американски производители, пишува во анализа европското издание „Politico“.

Сепак, излегува дека Европејците во моментов имаат друг план и размислуваат за ревитализација на својата воена индустрија. Пред еден месец, францускиот претседател Емануел Макрон за време на конференцијата во Братислава коментираше дека ЕУ треба да ја развие својата технолошка и индустриска база во сите заинтересирани земји и да произведе целосна воена опрема.

По децении игнорирање на барањата на САД, повеќето земји од ЕУ нагло ги зголемија трошоците за одбрана. Катализатор беше војната во Украина, поради што воените трошоци во заедницата како целина се зголемија за 13% на 345 милијарди евра. Ова е значително зголемување, иако повеќето земји од ЕУ сè уште не го исполнуваат условот од 2% од БДП-то.

Полска, сепак, планира да инвестира 4% од БДП-то во воени трошоци во 2023-та година, а откако започна војната, Германија создаде посебен фонд во вредност од 100 милијарди евра за покривање на воените трошоци.

Сега прашање е како ќе се потрошат овие пари, пишува „Politico“.

Вашингтон се надева дека ќе привлече барем половина од овие средства, а европските лидери планираат да ги потрошат средствата „дома“, но не е многу јасно дали европската одбранбена индустрија ќе може да го исполни ова барање. Забранувањето на американските компании од набавка на оружје, исто така, ризикува обвинувања за протекционизам.

На повеќето бранители на идејата за европска одбранбена моќ, исто така, им е многу тешко да признаат еден факт – во однос на оружјето, Европа е многу зависна од САД. Европските компании можат да произведат сè, од тенкови „Леопард“ до преносливи системи за воздушна одбрана „Пиорун“ (Полска), но производствениот капацитет и, пред сè, технолошките иновации привлекуваат купувачи во американската индустрија.

Војната во Украина само ја докажа доминантната улога на американските воени компании, пишува „Politico“. Факт е дека во последните месеци европските земји почнаа масовно да нарачуваат американско оружје – на пример, противтенковските „Javelin“, „HIMARS“ и „Abrams“. Нарачките за борбени авиони Ф-16 и Ф-35 се направени посебно. Овие нарачки го отвораат прашањето дали Европа навистина ќе може да се натпреварува со американските добавувачи.

По неколку децении воздржаност, европската воена индустрија повторно работи со полна брзина поради исцрпените залихи и потребите на украинската војска. Но, тие сѐ уште не можат да бидат во чекор со барањата.

„Нашите европски сојузници и партнери не очекуваа дека вакво нешто може да се случи“, коментира за „Politico“ извор од американското Министерство за одбрана.

Според него, капацитетот на европската индустрија сè уште не е доволен и Европа сепак ќе биде принудена да се сврти кон САД, вклучително и за совет како да го зголеми производството.

„Мислам дека имаат многу да научат од нас“, изјави американскиот функционер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП