1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПолесно им е да „посеат“ фотоволтаици, отколку да ораат со трактори –...

Полесно им е да „посеат“ фотоволтаици, отколку да ораат со трактори – земјоделците маки мачат со новиот тренд

Сѐ повеќе сопственици на плодни и пространи земјишта во Македонија одлучуваат своите ниви да ги „посеат“ со фотоволтаици и да произведуваат струја, наместо да ги посеат со жито и да произведуваат храна.

Но, ваквиот нов тренд, очигледно, не им се допаѓа на земјоделците коишто предупредуваат дека земјава ќе остане без храна доколку продолжи изградбата на фотонапонски централи врз плодно земјоделско земјиште.

Тие бараат да се поставуваат вакви електрани на земјишта од седма класа, на пасишта или шуми, каде што земјата е каменеста и неплодна.

Од друга страна, пак, на бизнисмените им одговара својот нов бизнис со електрична енергија да го инсталираат во своите сопствени ниви.

– Цел живот сум земјоделец, мојот татко и мојот дедо биле земјоделци. Но, едно ќе ви кажам – нема веќе леб во земјоделството. Не можеме да се носиме со скапотијата, а земјоделието си бара целосна посветеност. Како прво, не можеме да најдеме работници за на нивите, како второ, механизацијата и горивото се многу скапи… Затоа, наместо да се нервирам и да се плашам каков ќе биде родот и дали воопшто годинава ќе има род, јас одлучив да ја „посеам“ нивата со фотоволтаици и единствената грижа да ми биде дали има доволно сонце за да се произведе електрична енергија. Потполно ги разбирам колегите-земјоделци кои се креваат на бунт и на кои не им се допаѓаат полињата со фотоволтаици, ама натаму оди светот и полека треба да почнеме да се прилагодуваме на новото време – ни изјави Славе Стефановски, инвеститор од Кавадаречко.

Земјоделците не попуштаат и забележуваат дека земјоделското земјиште на повеќе места низ Македонија неправилно се пренаменува во градежно, а таму не се градат оранжерии во кои ќе се прозиведува храна, туку се градат фотоволтаици за да се произведува струја.

– Кој е тој што дозволува да се градат фотоволтаични централи врз плодно земјиште од трета, втора, па и од прва категорија? Знаете ли каков грев е тоа? Па зарем малку неплодно земјиште има по ридовите и по планините? Одете таму, правете што ќе правите, ама немојте да ни ги чепкате плодните почви и пасишта. Сега разбравме дека постои нов тренд да се пренаменува земјоделско земјиште во градежно само за да можат да добијат дозвола за градба на фотоволтаични централи. Па води ли воопшто некој сметка што се случува со земјоделието во земјава? Ама утре, кога ќе почувствуваме глад и кога нема да имаме што да јадеме, ние ќе бидеме првите што ќе ве пратиме да си ги јадете фотоволтаиците – објаснува Војадин Самарџиски од Прилепско, видно вознемирен.

Инаку, според Законот за земјоделско земјиште, земјоделското земјиште може да се пренамени во градежно или да се користи за неземјоделски цели. Исто така, пасиштата може да се пренаменат во градежно земјиште и да се користат за неземјоделски цели.

На овој член се упатуваат инвеститорите и во Прирачникот за постапките за развој и изградба на електрани за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија – фотонапонски електрани каде што на инвеститорите им се појавува како да го користат земјиштето и каде треба да се обратат за добивање дозволи.

„Доколку земјишната парцела на која инвеститорот има намера да гради фотонапонска електрана е класифицирана како земјоделско земјиште (обработливо земјиште, шуми, пасишта и слично), инвеститорот може да достави барање до Министерството за транспорт и врски или до Општината, во зависност од случајот, да побара од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да изврши трајна пренамена на соодветното земјоделско земјиште во градежно земјиште (Закон за земјоделско земјиште, член 49)“, наведено е во Прирачникот.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП