10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОд шверц до производство – фабрики за фалсификувани цигари ја преплавуваат Европа

Од шверц до производство – фабрики за фалсификувани цигари ја преплавуваат Европа

На почетокот на годината, шпанската полиција изврши рација во три нелегални фабрики за тутун, при што конфискуваше листови од тутун и нелегални цигари во вредност од речиси 40 милиони евра.

Во еден од нив, во северниот град Алфаро, пронајдени се 10 украински работници, од кои пет бегалци од војната, вработени без договори и со мали плати. Групата работи цел ден и живее во фабриката, при што им е забрането да ја напуштат.

„Оваа операција е една од десетиците низ ЕУ за кои регионалната полиција и агенциите за борба против измами велат дека резултирале со рекордни нивоа на нелегални заплени цигари“, пишува „Reuters“ во анализата.

Новинската агенција интервјуираше десетина експерти од областа, вклучително и службеници за спроведување на законот, директори на тутунски компании и индустриски аналитичари. И тие се категорични – криминалните групи, кои традиционално набавуваат нелегални тутунски производи главно од земји надвор од ЕУ, се почесто градат производствени капацитети во Западна Европа за да бидат поблиску до пазарите со повисоки цени.

Трендот е зајакнат со суспензијата на патувањата поради пандемијата Ковид-19, што го наруши снабдувањето од земјите надвор од блокот, соопшти Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ). Можно е таа да била дополнително забрзана од војната во Украина.

Покрај тоа што го загрозува здравјето на луѓето, фалсификувањето е финансиски трн во окото на најголемите светски тутунски компании во време кога тие се соочуваат со глобален пад на пушењето и продажбата што поттикнува големи инвестиции во алтернативни производи.

„Криминалните банди се префрлија од увоз на фалсификувани производи во Европа до создавање нелегални производствени капацитети во ЕУ“, рече Сирил Олив, регионален шеф за анти-илегална трговија во „British American Tobacco“.

„ВАТ“ – еден од светските тутунски гиганти, заедно со „Imperial Brands“, „Japan Tobacco“ и „Philip Morris International“, пријави зголемување на фалсификувањето од минатата година во Франција, Холандија, Португалија, Словенија, Данска и Чешка. Тоа тврдење наиде на неверување кај различни активистички групи, кои веруваат дека компаниите ја преувеличуваат големината на нелегалниот пазар како дел од нивните напори за лобирање против воведување повисоки даноци во секторот.

Но, неодамнешните бројки покажуваат дека заплените на нелегални цигари се во пораст.

Според податоците на ОЛАФ, минатата година во ЕУ биле конфискувани рекордни 531 милион фалсификувани тутунски производи, што е за 43% повеќе во споредба со околу 370 милиони конфискувани цигари во 2020-та година. Околу 60% од нив биле од нелегално производство во блокот, останатите биле прокриумчарени.

Од Европол велат дека минатата година, исто така, веројатно ќе постави рекорд по бројот на нелегални фабрики за цигари, пријавени дека биле затворени од националните полициски сили, иако бројките за цела година сè уште не се достапни.

Истражувачи за тутун

Како одговор на овој негативен тренд, тутунската индустрија ангажира истражители да истражуваат незаконски операции и да споделуваат информации со европските власти, изјавија директорите на „Japan Tobacco“, „BAT“ и „Imperial Brands“.

Трите најголеми тутунски компании одбиваат да ја прецизираат точната висина на финансиската штета од нелегалната трговија. Сепак, „Japan Tobacco“ потроши „стотици милиони долари“ собирајќи информации за фалсификаторите, кои потоа им ги пренесува на европските власти, како што е ОЛАФ, според Винсент Бирн, раководител за операции против илегалната трговија на компанијата.

„Имаме посветена функција во компанијата која се обидува да ги заштити нашите средства, да ги заштити нашите брендови и да се бори против недозволената трговија“, вели Бирн, поранешен детектив кој го истражувал организираниот криминал во Ирска.

„BAT“ и „Imperial Brands“ објаснуваат дека имаат и разузнавачки операции.

Помалку од едно евро за производство

Фалсификаторите обично копираат популарни брендови на цигари, вклучувајќи ги „Winston“ на „Japan Tobacco“, „Marlboro“ на „Philip Morris“, „Dunhill“ на „British America“ и „Nobel“ на „Imperial Brands“.

Кутија од 20 цигари чини помалку од едно евро за производство, вели Бирн, но се тргува за неколку пати повеќе, во зависност од пазарот.

Според Алекс Мекдоналд, шеф на групната безбедност во „Imperial Brands“, пратките од Кина и другите делови на Азија, кои беа најголемите извори на фалсификувани цигари кои влегуваа во ЕУ, се намалени за време на пандемијата со Ковид-19, што доведе до зголемување на производство во самата Европа.

Рускиот упад во Украина можеби го забрза овој тренд, рече Ернесто Бјанки, директор на Управата за приходи и меѓународни операции, истраги и стратегија на ОЛАФ, додавајќи дека агенцијата „анализира како измамниците можеби ги смениле своите рути“.

Украина беше центар за недозволено производство на тутун и транспортна рута за нелегални и фалсификувани цигари произведени во Русија и Белорусија – активности кои можеби биле нарушени од војната, додаде Мекдоналд од „Imperial Brands“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП