25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДОГОВОР: Избегнат банкрот на Америка

ДОГОВОР: Избегнат банкрот на Америка

Подигната горната граница на американскиот јавен долг, кој моментално изнесува неверојатни 31,4 трилиони долари.

Светот може да здивне, мајката на сите економски кризи е избегната речиси во последен момент! Американскиот претседател Џозеф Бајден и Кевин Мекарти, претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес и лидер на републиканците, по напорни преговори постигнаа начелен договор за зголемување на лимитот за јавниот долг на САД!

Моментално изнесува неверојатни 31,4 трилиони долари и доколку не се постигне договор до 5 јуни, американската федерална влада би банкротирала.

Во тој случај, федералните вработени би ги загубиле приходите, нема да се исплаќаат пензиите, доверителите нема да си ги вратат побарувањата, пазарот би паднал, а САД би биле погодени од голема рецесија.

Мајката на сите кризи, како што ја нарекуваат економистите, би се прелеала во глобалната светска економија. Договорот меѓу Бајден и Мекарти беше објавен без никакво славење, што само отсликува колку тешки беа разговорите и дека договорот допрва треба да се протурка низ Претставничкиот дом, каде републиканците имаат мнозинство и Сенатот, каде што демократите го задржаа простото мнозинство по минатогодишните парцијални избори.

-Само што завршив телефонски разговор со претседателот. По месеци губење време и одбивање да преговараме, денеска постигнавме начелен договор достоен за американскиот народ – рече Мекарти. Наскоро и шефот на Белата куќа зборуваше:

-Договорот е важен чекор напред, но е и компромис. А тоа значи дека нема секој да го добие она што го сака. Тоа е одговорност на владата – рече Бајден.

Договорот ќе го зголеми законскиот лимит на јавниот долг на САД за две години. Треба да се договорат уште некои детали и тој треба да биде на гласање во Конгресот во среда. Мекарти додаде дека договорот вклучува историски кратења на јавната потрошувачка и изјави дека нема да има нови даноци и нови владини програми.

Што се однесува до спецификите, републиканците добија зголемување на трошоците за одбрана, но поставија ограничувања на неколку програми за социјална помош – маркиците за храна што ги користат сиромашните ќе биде многу потешко да се добијат за оние под 54 години без деца. Од друга страна, тие ќе бидат подостапни за воените ветерани и за бездомниците.

Во анализата на Њујорк Тајмс се наведува дека јавната потрошувачка ќе се намали за околу 650 милијарди долари во следните 10 години.

Следува тешкиот дел

Целта е да се протурка договорот преку поделен Конгрес. Републиканците во Претставничкиот дом имаат 222 конгресмени, додека демократите 213.

Во Сенатот, демократите имаат 51 глас наспроти 49 гласа на републиканците. Се проценува дека договорот нема лесно да помине, т.е. нема лесно да ја добие поддршката од десното крило на Републиканската партија, кое сака значително да ја намали јавната потрошувачка и левото крило на Демократската партија, кое сака да го намали долгот со зголемување на даноците на богатите поединци и компании.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП