11 декември, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕЗошто е важна хидратацијата и како ја одржуваме?

Зошто е важна хидратацијата и како ја одржуваме?

Без вода нема живот! Иако ова го знаеме сите, праксата го покажува дека голем дел од луѓето постојано се мачат со последиците на дехидратација на организмот! Човечкото тело е составено од околу 60% вода, според едно истражување од страна на Mitchell и неговиот тим уште во далечната 1945 година, откриено е дека белите дробови содржат околу 83%, кожата 64%, бубрезите 79%, мозокот и срцето околу 73%, па дури и коските содржат околу 31%. Затоа одржувањето на потребниот баланс на течностите во телото е неопходен за сите метаболни процеси, вклучувајки ја функцијата на кардиоваскуларниот систем, мозокот и др.

Што е хидратација и зошто е важна?

Хидратација на организмот значи редовно внесување на вода во телото, нејзина апсорпција и распределување во сите ткива и органи каде таа е потребна за непречено извршување на метаболните процеси и функциите на самите органи.

Како влијае недостатокот од течности во телото?

Според информациите објавени од страна на познатата Mayo Clinic од САД, најчестите причини за дехидрирање на организмот се:

  • постоењето на треска и зголемена температура при болест,
  • акутна диареа или повраќање,
  • прекумерно потење или уринирање при високи температури и жешко време, вежбање или некои здравствени состојби.

Симтомите на недостаток од течности во телото може да варираат од мали и суптилни, до сериозни, вклучувајки и живото загрозувачки состојби. Тие може да се манифестираат со обично чувство на жед, сувост на устата и јазикот, недоволно урина како и потемна боја на урината. Но, доколку дехидрираноста е поголема, тогаш се јавуваат и знаци како изразена сувост на кожата, вовлеченост на очите, чувство на замор, лошење, а дури може да се јават и вртоглавица, промени (намалување) на крвниот притисок, грчеви во мускулите и нарушена функција на кардиоваскуларниот и нервниот систем на телото (напади со конвулзии), кои можат да бидат и многу опасни. Ваквите посериозни симптоми се јавуваат пред се поради дисбаланс и намалување на нивоата на електролити во телото кои се клучни за правилен пренос на сигналите и работа и на срцето и на нервниот систем во целина.

Кои се предностите на правилната хидратација?

Обезбедувањето на доволно течности за сите метаболни процеси носи низа придобивки за здравјето. На пример:

  • Кога телото е хидрирано, крвта е поразводнета со што и самата циркулација е подобра и течењето на крвта е полесно, а со тоа се помага во превенцијата и од појавата на тромбови.
  • Влагата во кожата помага да се подигне, изедначи и измазни нејзината површина и да се добие поскуваниот свеж негуван изглед.
  • Редовниот внес на течност и нејзината елиминација преку урината овозможува механичко измивање на мочниот меур и каналите од уринарниот систем со што се спречува задршката на патогени бактерии и развојот на уринарни инфекции, додека добрата хидратација помага за навремено празнење на цревата и превенција од појавата на запек.
  • Со одржување на влажноста на лигавиците – слузокожите во усната шуплина, носот, грлото, ждрелото и надоле по бронхиите, се одржува нивната функција и добриот имунитет, бидејки се превенира развојот на инфекции на дишните патишта.
  • Одржувањето на баланс на течностите во телото е важно и за когнитивните функции на мозокот и за оптималната функција на сите органи во телото во целина.

Постојат многу дилеми и заблуди за тоа колку течност ни е потребно на дневна основа. Количината која ќе обезбедат добра хидратација секако зависи од нашата телесна тежина, дали и колку сме физички активни, какви се надворешните временски услови и др. Но, за да обезбедиме добар индивидуален внес, можеме да ги следиме препораките дадени во U.S. News & World Report кои велат да се конзумира вода (изразено во грами/мл вода) најмалку колку што изнесува ½ од тежината на телото поделено со 28,35.  Најдобар начин да се хидрираме е внесот на чиста вода, која може да ја збогатиме со малку сок од лимон, една лажица јаболков оцет и прстофат квалитетна минерална сол. На тој начин ќе допринесеме и за подобрување на електролитниот баланс во телото. Внесот на природни билни чаеви, најдобро незасладени, разредени свежо цедени сокови од овошје и зеленчук, или смудија исто така се добар начин за одржување на баланс на течностите. За хидрирање на организмот се препорачува и редовен внес на краставица, тиквичка, брокула, домати, портокали, диња и лубеница, како и боровинки и друго шумско овошје. Според Сашко Дрвошански, нутриционист од Naturatherapy, исто така добар начин за хидратација на телото е и внес на функционални напитоци на база на алое вера, растителни екстракти, минерали и витамини, кои и ќе го хидрираат телото и ќе обезбедат важни електролити и други нутриенти потребни за здравјето.

Но внимавајте, внесот на алкохол или кафе, иако звучи чудно наместо да го хидрира телото ќе помогне да се елимира водата и побрзо да дехидрираме. Ова е особено важно за време на жешкиот летен период кога овие пијалоци се многу популарни на плажа, а во комбинација со жешкото време само ќе придонесат побрзо да дехидрираме. За крај – не чекајте да ги почувствувате симптомите на дехидрираност затоа што тогаш е веќе доцна. 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП