26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнисот бара владата повеќе да не го форсира градењето фотоволтаици, сега на...

Бизнисот бара владата повеќе да не го форсира градењето фотоволтаици, сега на ред треба да се ветерните паркови, биогасните централи и малите хидроелектрани!

Најголемото бизнис здружение во земјава, Стопанската комора поучена од ланските турбуленции во енергетскиот сектор, не само во Македонија, туку и во цела Европа започна со превентивни активности за евентуално враќање на проблемите со кои се соочуваа во однос на набавката и цената на струјата. Посебен тим од Стопанската комора ги утврди предизвиците и мерките кои треба на државно ниво да се надминат и реализираат се со цел полесно и навремено совладување на нов шок во енергетиката. Нивните предлози веќе се доставени до Владата. Властите пак се уверени дека успешно ја менаџирале кризата, која се уште не е завршена. Експертите се децидни дека државите мора да се насочуваат кон иновации и што поголема искористеност на обновливите извори на електрична енергија.

Од Стопанската комора сметаат дека ЕСМ е потребно да го конципира производството од термоелектраните според цената на мазутот и јагленот. Тоа значи во периодот што следи кога ќе порасне производството на евтина електрична енергија од фотоволтаици, државните електрани треба да се насочат кон откуп на таа енергија, наместо производство на поскапа електрична енергија од термоелектраните. Дополнително, Владата е потребно финансиски да поддржи изградба на биогасни и ветерни електрани, и да се доизградат малите хидро електрани кои државата ги планирала. Моменталното засилено градење на фотоволтаични електрани, од комората тврдат дека ќе доведе до енергетски дисбаланс.

„Претходната мерка за вклучување во работа на сите електрани веќе нема ефект во услови на зголемено производство од обновливи извори (фотоволтаични централи) и затоа треба да се следи состојбата со цените на електричната енергија и енергенсите да одлучува дали и кога е исплатливо да се вклучат одредени домашни енергетски капацитети, а кога да се увезе евтина енергија. Складирањето на електричната енергија од обновливи извори веќе се појавува како потреба и решение, и државата е потребно да ги поддржи инвеститорите и индустриските капацитети да инсталираат батериски системи. Мерките се однесуваат на олеснување и намалување на постапки и давачките, како и намалување на царинските стапки до нивно елиминирање, следејќи го примерот на ЕУ, заради поттикнување на поголемо инвестирање.“ велат од Стопанската комора.

Бизнисмените се на став и дека како значаен систем за складирање на вишокот електрична енергија од фотоволтаици во иднина ќе биде хидроелектраната Чебрен. Оваа електрана ќе ја користи електричната енергија од евтините часови за пумпање вода во горниот басен, од кој потоа би се произведувала енергија во часовите на повисока побарувачка.

Повеќе не е ништо исто како што беше пред енергетската криза, тоа најдобро го знаат стопанствениците кои минатата година струјата ја купуваа на отворениот пазар. Затоа ги повикуваат компаниите да ја прифатат новата состојба со варијациите на цените во текот на денот и да пристапат кон набавката на електрична енергија согласно нивниот технолошки процес, односно доколку можат потребно е да ги менаџираат потрошувачката и производниот процес согласно берзанските цени во текот на денот, со цел да остварат енергетски заштеди.

„ Државата интернационално да се сертифицира за да може производителите на енергија од обновливи извори да издаваат зелени сертификати. Зелените сертификати се побарувани од стопанските субјекти кои користат значајна количина електрична енергија и на кои зелените сертификати им се значајна алатка пред странските пазари. Издавањето на сертификатите ќе обезбеди и постојан девизен прилив за државата“, додаваат од Стопанската комора.

Од Владата пак се на став дека тие успешно ја менаџирале енергетската криза, а граѓаните и бизнисот биле поддржани од државата. Од Илинденска број два велат дека од домашните капацитети се произведени зголемени количини на електрична енергија, а во текот на цела криза немало рестрикции, туку навремена и доволна испорака на електрична енергија и топлинска енергија.

„Покажавме како транспарентно и успешно се справуваме со економско–енергетската криза од светски размери. Токму поради стручноста и напорот кој го дадоа сите вработени во ЕСМ имавме непречено снабдување со топлинска и електрична енергија во текот на целата зимска сезона. Во услови на најголема светска енергетска криза, кога дел од земјите го пролонгираа стартот на грејната сезона, нашите граѓани имаа сигурно и стабилно снабдување со струја и парно кое стартуваше во точно пропишаниот рок и беше без проблеми во текот на цела грејна сезона“, велат од Владата.

Според стратегијата за развој на енергетиката на Македонија заклучно со 2030 година таа го дефинира најпогодниот долгорочен развој на енергетскиот сектор и има за цел преку неа да се обезбеди сигурно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија. Како приоритети научниците ги наведуваат следниве сегменти: одржување, ревитализација и модернизација на постојната и изградба на нова, современа инфраструктура за потребите на производство и користење на енергијата. Подобрување на енергетската ефикасност во производството, преносот и користењето на енергијата. Користење на домашните ресурси, односно резервите на лигнит, хидроенергетскиот потенцијал, ветерната и сончевата енергија за призводството на електрична енергија. Потоа зголемување на користењето на природниот гас, зголемување на користењето на обновливите извори на енергија, воспоставување на економска цена на енергијата. Експертите потенцираат дека енергетскиот сектор се соочува со големи промени на глобално ниво, па затоа и оваа стратегија е документ кој се менува. При изработката на секоја наредна Програма потребно е нејзино иновирање соодветно на новонастанатите услови, како во енергетскиот сектор во Македонија, така и во поширокото енергетско опкружување.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП