3 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАЗа правилно користење Интернет потребен е општествен “restart”, а не импулсивен “delete”

За правилно користење Интернет потребен е општествен “restart”, а не импулсивен “delete”

Социјалните мрежи кои станаа наше секојдневие освен позитивни страни, се почесто ги покажуваат и негативните ефекти од нивното постоење. Интернетот генерално е најкорисната алатка на денешницата, но очигледно оваа констатација е точна само доколку правилно се користи. Тука се отвора прашањето, дали знаеме што е тоа правилно и безбедно користење Интернет.

Немилите настани кои го потресоа не само Балканот, туку веста за масакрите во Србија одекна многу подалеку, а тоа го вклучи црвеното светло пред се кај родителите и наставниците, а се погласни се сега и психолозите и останатите експерти од областа на развојот на младата популација. Но, дали може некоја апликација или веб страна да се забрани и кој би бил ефектот, а за тоа да има речиси идентична замена?! „Забранетото овошје“ секогаш е најслатко, особено кај најмладите пред кои се појавуваат првите животни искушенија.

Експертот за дигитални медиуми Бојан Кордалов за Денар вели дека социјалните мрежи, како и сѐ останато, се постојан предмет на регулација во демократските системи и тоа е нешто сосема очекувано и потребно. Но, Кордалов вели дека ако се зборува за целосна забрана или укинување на социјалните медиуми тоа е сосема нешто друго и треба да се потенцира дека такви дејствија се преземаат во други типови на системи и држави. Како познавач на состојбите тој додава дека постојано се иницираат и спроведуваат законски и други решенија во сферата на социјалните мрежи на европско ниво, така што вели дека потребно е како држава да покажеме многу поголем интерес во овој дел, да градиме стручен кадар, но и да водеме инклузивен процес во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни бидејќи ова е заеднички предизвик во кој ни треба поддршката од секоја индивидуа.

„Моето мислење по ова прашање е јасно, тоа е следното: како земја-членка на НАТО потребно е да ги следиме протоколите за безбедност во оваа сфера кои ги поставуваат земјите-членки на Алијансата, а се однесуваат на регулацијата или одредени рестрикции за дел од социјалните медиуми. Дополнително, бидејќи нашата стратешка цел е членство во Европската Унија, потребно е нашето законодавство и пракси постојано во овој дел да го следиме и усогласуваме со европското, како и со она на земјите-членки на ЕУ, вели Бојан Кордалов, комуниколог – специјалист за односи со јавност и дигитални медиуми.

Ставот на Кордалов е дека ако се продолжи популистички само да се „расфрламе“ со термини за забрани, укинувања, санкции не само што нема да се постигне посакуван позитивен ефект, туку напротив, ќе се зголемува недовербата во институциите, ќе се поттикнува контраефект кај сите, особено кај младите и децата, а тука може да се каже дека таквите мерки на крајот ќе бидат неуспешни односно неспроведени.

Од Владата ни соопштија дека на владина седница надлежните министерства предложиле активности и превентивни мерки во однос на заштитата од несакани дејанија врз децата во училиштата но и надвор од образовните институции.

Министерството за образование и наука заедно со надлежните институции одржуваат состаноци  на кои се согледуваат потенцијалните ризици од употребата на социјалната мрежа Тик-Ток, какви материјали има конкретно на истата и за начинот на употреба од страна на учениците во основните и средните училишта. Се разгледуваат видеа преземени од апликацијата, а Министерството за внатрешни работи ќе процени дали се работи за несоодветен материјал. Ќе се анализира и начинот на користење на другите социјални мрежи, како да има ограничувања во начинот на креирање, налог, потврда на податоци, внесување на некои податоци. За сево ова ќе се разговара и со психолози, педагози, стручни лица од Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и со луѓе од образовните сектори на општините, велат за Денар од Владата.

Експертите се децидни дека општеството, а и социјалните медиуми ги креираат сите граѓани, а тоа значи дека од секој зависи дали ќе изградиме посигурно, побезбедно или, пак, општество во кое не владеат закони, не се почитуваме и уважуваме меѓусебно или сосема обратно. Проблемот, односно иницијативата за решавање на овие предизвици лежи во рацете на институциите кои конечно мора да прифатат дека не се партиски ограноци, туку сервис на граѓанките и граѓаните кои заедно со компаниите издвојуваат милијарди евра даноци годишно за да тие може да земаат плата и управуваат со јавните институции на централно и локално ниво во интерес на секој еден човек!

„Станува очигледно дека политичарите и институциите единствено реагираат кога ќе се случи трагедија или, пак, кога медиумите ја актуелизираат темата со заштита на децата на Интернет. И нивниот интерес трае со часови или неколку дена, а потоа се претопува во максимата „секое чудо за три дена“. После, политичарите си се враќаат на темите кои не делат како општество, на дневната политика, висината на платите и голата желба за доаѓање или останување на власт. Нема суштински предлози од нивна страна, иницијативи, иницирање на инклузивен процес на носење на одлуки итн. И ова веќе сериозно ги загрижува сите луѓе, па дури и најлојалните партиски членови во политичките партии кои јасно реагираат. Се надевам дека пораката конечно ќе допатува и до надлежните и тие ќе го сменат својот пристап, додава Кордалов.

Експертите се на став дека негативните содржини ги креираат вистински луѓе или одредени центри кои се водени исто така од луѓе со свое име и презиме. Социјалните медиуми се обичен канал на кој секој од нас избира што ќе пласира, но и што ќе консумира. И во случај одредена онлајн апликација биде забранета, лесно и брзо ќе биде заменета со друга. Затоа познавачите на оваа проблематика велат дека решението е едукација, подигање на свест, јасни правила и регулација и нејзина примена преку превенција и каде што е неопходно казни, како и здружување на напорите на сите во општеството со цел правилна комуникација и примена на социјалните медиуми во интерес на секоја личност, особено на децата и младите.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП